Македонската репрезентација имаше убаво претставување пред хрватската публика во Вараждин, градот во кој ќе ги игра своите натпревари од Прелиминарниот дел од Светското првенство што почнува следната недела.
Македонија одигра контролен натпревар со Хрватска што заврши со резултат 27-25 за домашниот тим, но со играта во текот на целиот меч ги надмина очекувањата, иако овој меч беше од котролен тип и не беше сѐ подредено на резултатот.
По натпреварот, Кирил Лазаров, селекторот на македонската репрезентација, изјави дека натпреварот ја постигнал својата цел.
„Мене како селектор ми беше најважно што се боревме од почеток до крај, тоа ни беше главна цел на дуел со една силна репрезентација како што е Хрватска. Им честитав на момците за борбата, што не се предадовме буквално до последната секунда. Затоа дојдовме овде неколку дена порано, со вакви натпревари да вежбаме не само тактика, туку и карактер, таа борба од почеток до крај.
Очекуваме голем број на наши навивачи на мундијалот и не смееме да ги разочараме. Може да се случи да загубиме од подобар противник, но не смееме да се предадеме во ниту еден момент со ниту еден противник. Тие ќе издвојат време и пари за да дојдат, ние треба да им возвратиме на вистински начин, со борба и желба за позитивен резултат во текот на сите натпревари. Игравме против селекција што е исклучително квалитетна, со силни индивидуалци, репрезентација што настапи и на последните Олимписки Игри во Париз. Ова е нова генерација на македонската ракометна репрезентација, да се игра квалитетно на гостински терен против еден вака силен ривал сигурно е добра работа.
Голманите имаа свој ден, бранеа навистина одлично. Дај Боже така да биде и на првенството“, изјави селекторот на Македонија.
Поврзани вести