ХРВАТСКА - МАКЕДОНИЈА 27-25 (13-14)
Домаќинот на претстојниот мундијал, репрезентацијата на Хрватска го доби пријателскиот дуел со Македонија одигран вечерва во Вараждин со 27-25 (13-14).
Очекуван епилог, во Хрватска се креира атмосфера за голем резултат на нивната репрезентација и нереално ќе беше Македонија да постави повеќе прашања отколку што можат да понудат одговори.
Хрватска победи, не се прослави, а Македонија на крајот на денот нема по што да жали, но сигурно има црвени лампички што се палат кај Лазаров и веројатно има многу појасна слика денеска.
Лазаров го почна мечот со Митревски на голот, Кузмановски, Митев и Велковски на бековските позиции, Атанасијевиќ и Костески како крила и Милан Лазаревски на линијата. Оваа формација беше актуелна во првите 15 минути игра во кои еднаш поведовме (3-2), а другиот дел беше главно игра гол за гол во која Македонија успеваше да одговори и израмни на секое водство на Хрватска. Нашиот тим во овој период го принуди противникот да се „откаже“ од колективната игра и индивидуално да ги решава нападите. Имаа филигрантска поддршка од судиите, барем во делот со пасивната игра, но тоа не го одреди или смени текот на натпреварот.
По 15 минута, почнаа ротации во двата тима, при што одбраната на нашиот тим веќе не беше толку сигурна, а промените се пресликаа и во нападот, по што Хрватите за прв пат стигнаа и до плис два гола (7-5). Во два напада Македонија се обиде и со 7 на 6 варијанта, но тоа можеше да биде погубно. Брзо се откажа Лазаров од идејата, а Хрватска поведе со 9-6.
Времето за прилагодување на нападот истече, Павле Атанасијевиќ извади два мајсторски шутеви, а за целото време, Никола Митревски беше силна поддршка на голот, имаше 8 одбрани и беше творецот на пресвртот што следеше во последните пет минути од мечот.
Џонов од контранапад израмни на 11-11, потоа имавме пенал за водство, но Кузмановиќ го прочита Кузмановски, за конечно во последниот напад за стигнеме до 14-13.
Хрватска ја врати предноста по шест минути игра во второто полувреме, откако прв и единствен пат на средбата промашивме зицер за плус два. Хрватска вложуваше напори, но не успеваше да дојде до воздух и покрај критериумот за пасивна игра што беше како по желба на Сигурдсон.
Хрватска имаше шанса и преку седмерци да го одведе натпреварот во свој ритам, но голманско шоу имаше Марко Кизиќ кој влегуваше во игра во тој период само за пеналите, одбрани три седмерци во краток рок од пет минути.
Хрватска е респектабилна и квалитетна репрезентација која успеа да го врати водството и да диктира резултат. Но, не успеа да ја крене публиката на нозе, освен кога ќе успееја да погодат од пенал.
Голем удел во конечниот резултат и победата на Хрватска имаше и голманот Иван Пешиќ кој одбрани важни топки, иако на крајот играч на натпреварот беше голманот Доминик Кузмановиќ кој имаше само пет одбрани.
На две минути до крајот, Македонија напаѓаше за реми, но најдобрите дефанзивци во хрватската одбрана, судиите, и нивниот критериум за пасивна игра го принудуваа македонскиот напад да брза и греши и конечно ја остварија толку посакуваната победа пред стартот на СП.
Поврзани вести