Македонската репрезентација денеска заминува за Хрватска каде што по два дена ќе се сретне со домашната селекција во последната проверка пред стартот на мундијалот, закажана на 14 јануари, а првиот меч на Македонија е ден подоцна, против Унгарија.
Трансформацијата, промената на генерацијата во македонскиот тим речиси е комплетирана, а еден од играчите кои ќе бидат предводници на новата генерација е централниот бек на Алкалоид, Марко Митев.
„Веќе сме во завршна фаза од подготовките, можам да кажам дека целиот тим е спремен за предизвиците што нѐ очекуваат на Светското првенство. Ќе одиме да се бориме, нашата цел е да се пласираме во главната рунда, а потоа ќе одиме чекор по чекор.
Унгарија и Холандија имаат различен стил на игра за разлика од Гвинеја. Играта на Унгарците повеќе се темели преку пивотите и со шутеви, додека Холандија игра „еден на еден“, станува збор за побрза репрезентација. Треба да бидеме максимално сконцентрирани на двете средби, да не губиме надеж, секогаш има шанса. Јас верувам дека можеме да пласираме во главната рунда, одиме на победа на секој натпревар, ќе оставиме срцето на терен и па што биде нека биде.
Се надевам дека во Вараждин атмосферата ќе биде како на Европското првенство во 2018 година и фановите ќе дојдат во голем број, а ние ќе се чувствуваме како да играме на домашен терен, тие се нашиот осми играч и најважна поддршка на теренот. Знаат како да не понесат на секој натпревар“, вели Марко Митев.
Во првото коло, на 15 јануари со почеток од 20:30 часот, Македонија ќе игра против Унгарија.