Костески: Да ја израдуваме Македонија, способни сме за тоа

На прсти можат да се избројат деновите што треба да минат до почетокот на Светското првенство на кое најдобрата машка ракометна репрезентација на Македонија, да не (им) заборавиме, по волја на ждрепката, а не по избор на организаторите, ќе игра во хрватскиот град Вараждин. 
Македонскиот тим од последната третина на декември е на собир и се спрема за следните шест натпревари кои почнуваат на 15 јануари на дуел со фаворитот Унгарија, два дена подоцна уште еден фаворит е на мени, Холанија, а на 19 јануари за крај на првата фаза, прв пат и Македонија ќе биде фаворит, на дуелот со Гвинеја. 
Ненад Костески, десното крило го фати последниот воз по долгата пауза поради повреда и операција на коленото и ќе биде првиот избор на Лазаров на таа позиција на мундијалот. 

„Беше навистина тешко, повредата беше многу сериозна, една од најтешките во спортот, но успеав да се вратам. Чувството повторно да се биде на терен е навистина прекрасно, од меч во меч сум подобро подготвен и верувам дека во добра форма ќе го дочекам СП. Одработевме квалитетни подготовки во Стара Пазова, одигравме средби за темпирање на формата, а продолживме со добра работа и во Скопје. Не се сомневам дека ќе бидеме максимално подготвени за првиот дуел со Унгарија закажан за 15 јануари“, вели помладиот Костески.



Македонија на претстојниот мундијал има еден меч класифициран дека мора да го победи, единствениот на кој влегуваме со улога на фаворит. Тоа е дуелот со Гвинеја, на кој треба да обезбедиме резултатски мир пред вкрстувањето со групата што ќе допатува од Пореч.

„Оптимист сум дека ќе се пласираме во главната фаза, но не смееме да се фокусираме само на тоа, на таа средба со Гвинија. Верувам во нашата репрезентација, знам дека поседуваме квалитет и сигурно ќе сториме се што можеме за да стигнеме до уште една победа. Ќе имаме многу навивачи, дај Боже повторно да ја израдуваме цела Македонија и да создадеме одлична атмосфера со добри игри на едно големо натпреварување во Хрватска. Верувам дека сме способни за такво нешто“, оптимистички е расположен Ненад Костески.

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk