-
26.12.2024
-
Вести, Планета ракомет
foto: HC Erlangen
Французинот Кевин Деко е назначен за координатор на сите машки селекции и селектор на сениорскиот тим на Гвинеја за настап на Светското првенство во јануари на кое Гвинеја е во групата со Македонија.
Кевин Деко има 40 години, а повеќе од пола од животот е во тренерски води. Од 2002 до 2014 работеше во Франција во повеќе мали клубови и помлади категории, а потоа стана селектор на женската репрезентација на Гвинеја каде што беше пет години.
Од 2019 до денеска беше селектор на женските репрезентации на Доминика, Мароко, Тунис и Јамајка, а сега одново е во Гвинеја.
Бундеслигашот Ерланген доби нов спонзор и веднаш се активираше на пазарот и тоа со скапо решение. Тие го доведоа исландскиот бек Виго Кристијансон (фото) од Лајпциг кој треба да им помогне да ја избегнат зоната на испаѓање. Ерланген во моментов е претпоследен со пет бода, а пред него со осум бода се Штутгарт и Битенхајм.
Најпознатиот ракометен инфлуенсер во Германија, Нилс Кречмер кој има над 400.000 следбеници на Инстаграм по суспензијата поради сомнежите за користење допинг, доби и отказ од екипата на Гросвалштат. Тоа е клуб кој игра во Втората лига, но е деветкратен шампион на Германија.
Екипата на Гумерзбах која има освоено 12 шампионски пехари во Германија, одново ужива во популарноста откако стана компетитивна во Бундеслигата. Тие се на осмото место, а големата заинтересираност ја искористија за преселба во ракометниот храм – Ланксес Арена. Таму ќе го играат божиќниот меч со Кил.
Владица Стојановиќ е назначен за нов тренер на белградска Црвена Звезда. Тој ќе биде третиот тренер на црвено-белите од почетокот на сезоната.
Првиот голман на репрезентацијата на Холандија, Барт Равенсбергер (Гепинген) се врати на теренот по девет месеци пауза поради повреда на коленото. Но, иако беше во составот, не мина ниту еден напад на терен. Тоа става голем прашалник и за неговиот настап на СП каде што Холандија ќе игра и против Македонија.