Македонската репрезентација е во Стара Пазова каде што ги продолжува подготовките за настапот на јануарското СП што ќе се одржи во Хрватска.
Кирил Лазаров своите избрани ракометари ги има на располагање во познатиот српски спортски центар, а вечерва, тренинзите беа збогатени и со контролен натпревар.
Македонија одигра тренинг меч со екипата на РК Нови Београд и запиша победа со невообичаен резултат. Нашите репрезентативци славеа со 85-44. Резултатот е ваков затоа што се играа 3х30 минути. Во регуларните 60 минути беше 55-28 (27-11).
Заедничка фотографија на репрезентацијата на Македонија и екипата на РК Нови Београд/ © RKNB
Македонија ќе одигра уште два натпревара за време на престојот во Србија. Тие се закажани на 27 и на 29 декември, за да бидат симулација на ритамот на мундијалот каде што термините за играње се со еден ден пауза.
Македонија во Вараждин би играла во непарните денови, 15, 17, 19, 21, 23 и 25 јануари доколку сѐ оди според очекувањата и се пласираме во Главната рунда.