Денеска завршува женското сениорско Европско првенство што се одржува во Австрија, Унгарија и Швајцарија. Две години по ЕП што се одржа во Македонија, на врвот на европската хиерархија ништо не е променето. Во финалето ќе играат Данска и Норвешка, исто како и пред две години. За трето место ќе игра Франција исто како и пред две години, а единствената новост е што Унгарија ќе игра за медал за разлика од пред две години кога играше Црна Гора која сега е на осмото место.
Натаму, повторно е исто. За петто место играа Холандија и Шведска исто како и пред две години, Германија заврши на седмото место - исто како и пред две години.
Понатаму има мали промени, но со тие промени ЕХФ сигурно нема да се пофали, а тоа е падот на заинтересираноста за женскиот ракомет во Хрватска и Шпанија, кои од осмо и деветто место се преселија на 13 и 19 место. Мали поместувања за едно-две места напред за Романија (12 на 11) и Швајцарија (14 на 12).
Распоредот не е случајност, земјите во кои женскиот ракомет сѐ уште се држи можат да се избројат на прсти. Но, трендот не е позитивен, Хрватска и Шпанија исто така не се случајност.
Денеска ќе биде спуштена завесата на ЕП, во мечот за бронза од 15:15 часот ќе ги видиме Франција и Унгарија, а во големото финале од 18:00 часот ќе играат Данска и Норвешка.
Двата натпревари ќе можете низ директен ТВ пренос да ги следите на каналот ТВ Арена Спорт 1.
Поврзани вести