Пелистер го доби големото дерби, Вардар беше блиску до епски пресврт

Е. ПЕЛИСТЕР – ВАРДАР 1961 35-33 (22-13)

Екипите на Пелистер и Вардар одиграа дерби што ќе се прераскажува уште долго. Победи домашниот тим, битолчани имаа и плус девет во првиот дел, а во вториот се спасуваа, Вардар беше на чекор да направи епски пресврт.

Првото полувреме во големото дерби во македонскиот ракомет, вечерва беше обоено во зелено-бело. Не само поради тоа што се играше во Битола, туку и затоа што на теренот практично постоеше само еден тим.
Во почетното испитување на силите кое беше мини шутерско шоу на Кузмановски и Хориха, дуелот го доби Кузмановски, а откако на Украинецот не му тргна шутот, ниту Вардар не знаеше каде да тера.
Прв под притисокот, пак, попушти крилото Ансер Родригез, а неговото исклучување ја направи првата разлика, а Пелистер поведе 8-4.
Вардар се врати на минус два-три гола, а потоа Гиљермо Милано ја направи најголемата грешка и се обиде со варијантата седум на шест да прави пресврт. Тоа беше казнето, битолчани поведоа со 16-10, а потоа комплетно доминираше домашниот состав, па на полувреме беше неверојатни девет гола разлика (22-13). 



Почетокот на вториот дел, пак беше вовед во една сосема поинаква приказна. Битолчани го загубија ритамот што го имаа во првиот дел, Вардар почна да фаќа залет и по 15 минути игра на семафорот беше 27-24, дури шест гола анулираа гостите од Скопје и се вратија во игра. Васил Гогов на Вардар му донесе голмански интервенции што недостасуваа во првиот дел и комплетно сликата на теренот се промени.

Радивојевиќ со 10. гол, од пенал донесе малку поголема комоција (28-24), но Вардар не падна во ритамот и натпреварот продолжи во размена гол за гол, а еден од клучните моменти беше директниот црвен картон за Димитри Хориха во 52 минута. 
Но, ниту тоа не го исфрли Вардар комплетно од ритам, во 58 минута беше само еден гол разлика. Лошо одиграа одбрана во клучниот момент, оставија многу простор што играчот на натпреварот, Богдан Радивојевиќ го претвори во гол со кој беше ставена точка на натпреварот. 



РЕЗУЛТАТИ
ПРИЛЕП - АЛКАЛОИД  30-40
Е. ПЕЛИСТЕР - ВАРДАР  35-33
ТИКВЕШ - ОХРИД  26-26
БИСИНОВ - Т. ПРОЛЕТ  25-25
СТРУГА - КУМАНОВО  29-23
БУТЕЛ СКОПЈЕ - РАДОВИШ  36-21

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk