Автор: Ричи Ѓамовски
Единствениот македонски претставник што ќе презими во ЕХФ Европскиот Куп, екипата на Алкалоид денеска го дозна противникот со кого во февруари ќе ги одмерува силите во елиминацискиот двомеч од 1/8 финалето на ЕХФ Куп. Тоа е италијанскиот клуб ССВ Бриксен Хендбал.
Алкалоид прв пат во клупската историја ќе игра против противник од Италија. Тоа е екипата на ССВ Бриксен, клуб што доаѓа од северот на Италија. Бриксен (Бресаноне) е мал „архипелаг“ во кој се вбројуваат 22 села со вкупна популација од околу 23.000 жители. Се наоѓа во областа Јужен Тирол, блиску до границата со Австрија, на околу 40 километри оддалечен од градчето Болцано каде што во 1998 година се играше Европско сениорско првенство во ракомет.
ССВ Бриксен е клуб со 53 годишна традиција и со два шампионски прстена и три победи во италијанскиот Куп. Во Европа, настапил 10 пати несметајќи ја тековната сезона. Најголем успех му е 1/2 финале во Челинџ Куп во сезоната 2000/01. Минатата сезона стигна до 1/16 финалето каде што беше декласиран од Олимпијакос (23-29, 25-37) на два дуела одиграни во Атина.
Едно од начелата на овој клуб е да работи со домашни ракометари и да дава шанса на младите. Тоа стои запишано во преамбулата на клубот и клубот се гордее со таа своја идеологија.
Во екипата, сеедно имаат три ракометари со странски пасоши а тоа се украинскиот голман Маким Волјувак (екс голман на Клаипеда), и два леви бекови што доаѓаат од прекуокеанот. Тоа се Аргентинецот Томас Валентин Канете и бразилскиот бек Пауло Винисиус де Оливеира Кандидо кој по претстојот во Португалија и Шпанија се пресели во Италија минатата сезона.
Во нивните редови има и играчи со балканско потекло и двојно државјанство како што се пикерот Андреа Башиќ кој има и хрватско државјанство и двоецот Ендрит и Ардијан Ибаљи кои имаат и косовско државјанство.
Тренер на екипата на Рудолф Нојнер кој сезонава го презема кормилото од Давор Чутура.
Рикардо Трилини, селекторот на Италија на својот поширок список има двајца ракометари на Бриксен, а тоа се левото крило Стефано Арциери и пикерот Ендрит Ибаљи. Селекторот на јуниорите, пак, во тимот го има голманот Алесандро Лубинети.
Сезонава во ЕХФ Куп, Бриксен во второто коло го елиминираше Х71 од Фарски острови, а во третото приреди изненадување со елиминација на чешката екипа Ловосице на два натпревари што се играа во Чешка. Во „одбрана“ на Чесите кои беа изразити фаоврити ќе напоменеме дека беа во тежок период во кој имаа пет повредени/болни играчи што не можеа да настапат и беа во серија во која загубија на пет од шест одиграни натпревари.
Првиот меч беше одлучувачки, Бриксен со помош на украинскиот голман кој имаше свое шоу и 15 одбрани и Аргентинецот Канете кој постигна 10 гола славеше со 32-26. Чесите во вториот дуел беа во минус (2-7), но во еден момент стигнаа и до плус три (17-14). Конечно, ја загубија и таа средба со пет гола разлика (29-34).
Радост на ракометарите на Бриксен по триумфот на двомечот со Ловосице
Во шампионатот на Италија не му оди многу добро на следниот противник на Алкалоид. Со скор од 5-2-6 по 13 комплетирани кола, се наоѓаат на осмото место со 12 бода заостанување зад водечкиот двоец Конверзано односно Касано.
Термините за одигурување на 1/8 финалните натпревари се 15/16 февруари и 22/23 февруари. Алкалоид на првиот натпревар ќе биде гостин.
Ако не знаевте: Екипата на Бриксен и минатата и тековнава сезона сите свои натпревари од ЕХФ Европскиот Куп ги играше во пакет или на домашен или како гостин. Сезонава двапати му беше домаќин на Х71 од Фарски острови и двапати беше гостин во Ловосице, Чешка.