Македонскиот првак ја запиша втората победа во Лигата на шампионите сезонава и со уште два нерешени резултати е на чекор да обезбеди пласман во Плејоф во ЛШ, европската сезона да ја направи комплетно резултатски успешна и сериозно да го подобри рејтингот на Македонија во Лигата на шампионите.
Имено, екипите што ќе завршат на 7 и 8 место во Групната фаза, на 16-те бодови за учество во ЛШ добиваат уште 10 за освоеното место.
Екипите, пак, што ќе завршат од 3-6 место во Групната фаза, на 16-те бодови за учество во ЛШ добиваат уште 48 бода за пласманот во Плејоф. На овие бодови се додаваат и освоените во текот на групната фаза, во случајов 6.
Со тоа би ја минеле на ранг листата Словенија која е пред нас на 11 место, можеби по уште една ваква сезона и Норвешка, но, за директно место во Лигата на шампионите потребно е деветтото место, а таму е Португалија која преку Спортинг заработи повеќе бодови од нас досега сезонава.
Сеедно, ова би било помрднување од мртва точка и чекор напред за македонскиот клупски ракомет во ранкинзите за ЛШ и можеби олеснување во следното барање на вајлд карта.
Но, Пелистер иако е блиску, работата не е завршена.
На пролет ќе се играат уште четири кола, а на Висла и е потребна само една победа за да го мине македонскиот првак бидејќи има подобар меѓусебен скор.
Сепак, ако не се засилат во текот на паузата, тешко дека тоа ќе можат да го направат затоа што нивниот распоред е тежок. Нема да е лесно ниту за битолчани, но сепак, тие дома ќе играат со Динамо Букурешт и со ПСЖ кој веќе почна да форсира играње со млади играчи, а тоа може да биде искористено.
Е. ПЕЛИСТЕР: Спортинг (г), Динамо Букурешт (д), Берлин (г), ПСЖ (д)
ВИСЛА ПЛОЦК: ПСЖ (г), Берлин (д), Динамо Букурешт (г), Спортинг (д)