Остануваме без место во ЛШ и во следната сезона

Екипата на Пелистер годинава, досега има освоено 30 бодови во ранкингот на ЕХФ за Лигата на шампионите, но тоа нема да донесе позначајни промени кога е во прашање вкупниот ранкинг, тој што носи директно место во ЛШ.
Се пресметуваат последните три сезони, а Македонија е на 12 место во моментов, пред нас се Словенија (11) и Норвешка (10) како земји што исто така немаат директно место во ЛШ, па потоа на деветтото место е Португалија, па пред нив е Хрватска. За последните три сезони, Хрватска има просек од 47.67, Португалците имаат просек 34.67, Норвешка 32.63, Словенија има 29.00, а Македонија 18,67 бодови.

Но, ова ќе биде последното рангирање во кое на Македонија ќе и се брои „нулата“ од сезоната 22/23 кога Вардар беше суспендиран, па по една година, имајќи предвид дека Словенија годинава нема тим во ЛШ и таа ќе има една нула за наредните три сезони би можеле да ја минеме.
Што се однесува до Норвешка, разлика може да направи годинешниот пласман на Пелистер. Ако битолчани ја совладаат Висла и се пласираат во елиминациите, тогаш добиваат 48 бодови плус.
Норвешкиот Колстад е во слична берба на поени како и Пелистер, но за деветтото место, тоа што носи во ЛШ, благодарение на Спортинг кој годинава игра одлична сезона, разликата со Португалија ќе се зголеми.

Подвлечено, Македонија нема реални шанси да стигне до деветтото место во блиска иднина, освен ако Пелистер не стигне до Фајналфор.
Можеби во следните две сезони да ја минеме Словенија, евентуално и Норвешка, но реалната варијанта е дека нема во блиска иднина да имаме директно место во Лигата на шампионите, дури и кога ќе биде избришана фамозната нула од споменатата сезона.

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk