Алкалоид по заверка на Топ 16 во ЕХФ Куп

Алкалоид вечера ќе го игра вториот натпревар со австрискиот тим Вест Виена по кој ќе биде прогласен и патникот во Топ 16 на ЕХФ Европскиот Куп.

По вчерашната убедлива победа од 11 гола разлика (38-27), нема сомнежи дека тоа ќе биде македонскиот претставник, но слично како и за литванската Клаипеда Драгунас, имаме само комплименти за играта на овој млад австриски состав, дури и повеќе отколку за литванската екипа.

Вест Виена, а благодарение на ТВ преносот тоа можеше да го види и пошироката македонска јавност, демонстрираше во Скопје брз ракомет, без тактизирање во делот на транзиција, течни акции што ги изведуваа со завидна брзина. Не беше нивната игра стандарден стил „run and gun“ во кој акциите често завршуваат во моментот кога првиот играч ќе го види голот, туку играа комплетни акции со неколку „вртења“, со акции што завршуваа од изградена позиција за шут од девет метри, убаво отворање на линиските напаѓачи.
Овој пат налетаа на спремна екипа која исто така сака да игра ваков ракомет кога е противникот расположен за тоа. Не би правеле споредба со Алкалоид, сепак, резултатот кажува многу, но ако овој млад австриски тим го споредиме со младите категории и генерално стилот, играта што се игра во Македонија, тогаш ќе констатираме и дека иднината не ни носи ништо добро.



Алкалоид вечерва ќе игра за верификација на пласманот во Топ 16 каде што извесно ќе го заземе рејтингот на Вест Виена и ќе биде рангиран како 12 место. Тоа ќе значи втор шешир во ждрепката што ќе се одржи во вторник, но овој пат тоа и не е толку лошо, затоа што ако земеме предвид дека од првиот шешир на пример словенечкиот Целје ќе биде елиминиран, рангирајќи ги екипите според „звучност“, вториот шешир ќе биде поопасен од првиот затоа што таму покрај Алкалоид ќе бидат и АЕК, Партизан, Бешикташ...

Но, пред момците на Кирил Лазаров е уште едно тркачко шоу со убав ракомет и веруваме атрактивни моменти, а пред македонската публика уште еден убав натпревар за гледање, позитивен резултат за очекување и лекција за учење што несомнено ќе ни ја презентираат младите гости од Австрија.

Натпреварот меѓу Алкалоид и Вест Виена ќе се игра во терминот од 19:00 часот, ТВ пренос ќе има на МТВ – 3.

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk