РК АЛКАЛОИД - ВЕСТ ВИЕНА 38-27 (20-14)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Филип Фанер и Лукас Кубиш од Полска. Делегат: Борис Ивановиќ од Србија
РК АЛКАЛОИД: Галевски (10 одб), Трајкоски (6 одб), Џонов 2, Петров, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 8, Карасманакис, Стојковиќ 2, Митев 7, Ѓоргиев, Велковски 2, Бинго 6, Франциско 2, Петковски 9, Савревски
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 10 мин.
ВЕСТ ВИЕНА: Вејк, Единове, Мелезинг 8, Мостл 2, Дердак, Г. Кофлер 3, Драгер 4, Беркоп 2, Хубер 1, Фристик 1, Фајфер, Бруславски 4, Гарејс, Пајер, Вигфри, Ј. Кофлер 1
Седмерци: 5/7 Исклучувања: 8 мин.
Алкалоид со едната нога е веќе во 1/8 финалето на ЕХФ Европскиот Куп откако вечерва на првиот дуел со австриската екипа Вест Виена запиша убедлива победа, која утре ќе треба да ја одбрани, исто како и денеска, пред своите навивачи.
Ракометарите на Вест Виена наметнаа многу брз ритам и поведоа со 2-0, но го разиграа Арно Бинго, а Алкалоид на фрлената ракавица реагираше веднаш и по 10 минути игра имаше постигнато двојно повеќе голови од противникот (8-4), a Бинго веќе имаше постигнато пет гола.
По 15 минути игра, Алкалоид водеше 12-6, а свои моменти имаше и голманот Галевски кој до тој момент запиша пет одбрани, а брзата игра му одеше од рака и на десното крило на Алкалоид, Александар Петковски кој првото полувреме го заврши со пет постигнати гола.
Алкалоид продолжи да го „удвојува“ резултатот, па во 20 минута беше 14-7. Исклучувањата во тимот на Алкалоид малку ја смирија играта, но генерално ритамот остана многу брз, а разликата меѓу 6 и 7 гола предност за македонскиот тим.
На полувреме резултатот беше 20-14 во полза на Алкалоид.
Првиот гол во вториот дел заврши во мрежата на гостите, а стрелец беше Серафимов и македонскиот тим се врати на плус седум, а потоа Петковски со шестиот гол за прв пат донесе плус осум (22-14).
Разлика од 10 гола Алкалоид стекна во 39 минута од мечот (26-16), потоа во 43 минута одново беше двоцифрено (29-19). Но, одново две врзани исклучувања имаше македонскиот тим што ги одржа гостите во живот, односно под 10 гола разлика.
Одлична партија имаше и Трајкоски кој запиша пет одбрани за кратко време, а Алкалоид поведе и со 11 гола (35-24)
Конечно, Алкалоид запиша убедлива победа и утре порелаксирано ќе го чека вториот меч.
Реванш натпреварот ќе се игра утре, во „Автокоманда“ со почеток од 19:00 часот.
Поврзани вести