ШВЕДСКА - МАКЕДОНИЈА 28-18 (15-7)
Мицевска (11 одб), Кипријановска 3, Јанкуловска 3, Ристовска 3, Младеновска 3, Маџовска 2, Џатевска 2, Ѓоргиевска 1, Диневска 1
Женската сениорска репрезентација на Македонија претрпе пораз на стартот на Европското првенство што се игра во Унгарија, Австрија и Швајцарија.
Прв противник на македонскиот тим беше репрезентацијата на Шведска, една од најдобрите европски репрезентации, а епилогот е пораз од 10 гола разлика.
Гледајќи го конечниот резултат, звучи неверојатно, но Македонија во првите 20 минути од натпреварот и не изгледаше лошо. Поведовме 3-1, потоа направија Швеѓанките серија од 5-0, но не успеаја во првиот бран да се одлепат. Македонија издржа ритам до дваесеттата минута и резултат 9-7.
Но, потоа следуваше комплетен пад во играта, особено во напаѓачката формација која во следните 20 минути од натпреварот не успеа да постигне ниту еден гол. Одбраната која беше подобриот дел од нашата игра, кога ќе успееше да се состави во зона, речиси и да не ја видовме од грешките направени во напад и лесните голови на противникот, а единствената светла точка во нашиот тим, голманката Мицевска спречи вистинска катастрофа на нашиот тим.
Шведска доминираше до 50 минута од натпреварот и резултат 26-10, по што и во нивните редови попушти концентрацијата и Македонија врза серија од 7-2 и намали на 10 гола разлика, што беше и конечен резултат и со оглед на сето видено, уште и добро минавме.
Поврзани вести