ВЕСПРЕМ - Е. ПЕЛИСТЕР 33-26 (20-11)
Митревски 1 (10 одб), Кузмановски 6, Тајник 4...
Македонскиот претставник во Лигата на шампионите, екипата на Пелистер е поразена на гостински терен кај Веспрем во деветтото коло од Лигата на шампионите со резултат 33-26.
Би оцениле дека овој пораз не е нешто страшно, европската судбина на Пелистер не се крои во Веспрем Арена туку во „Боро Чурлевски“ каде што во следното коло ќе гостува екипата на Висла Плоцк.
Но, тоа сепак, не може да биде оценка за натпревар, особено ако на поразот од седум голови разлика додадеме дека битолчани уште можат да бидат и „задоволни“ што вака на крајот излезе резултатот. Реално, можеше да биде полошо. И тоа многу.
Уште на почетокот на натпреварот, по само пет минути, се виде дека боксерите во рингот не се од иста категорија. По пет минути Веспрем водеше 5-0, а кога водството порасна на 13-4 катастрофата беше на хоризонтот. Веспрем во првиот дел имаше и плус 11 гола разлика, а на одмор се замина со резултат 20-11.
Во второто полувреме настапи поголемо опуштање во редовите на унгарскиот тим. Неколку лоши напади, неколку добри интервенции на Митревски доведоа до моментот битолчани да намалат на 7-8 гола разлика и во тој ритам, мирна размена на голови до крајот на средбата се одигра остатокот од мечот.
„Ништо страшно“, битолчани очекувано загубија, но не загубија со катастрофална разлика. Ако Алонсо штедеше сили за следното коло, ќе констатираме дека со полни батерии се враќаат дома, ако се криеше тактиката тогаш тоа совршено беше направено, затоа што на пример Полјаците од овој меч нема да можат да „купат“ ништо.
Поврзани вести