ВАРДАР - МЕЛЗУНГЕН 32-30 (17-17)
Вардар: Еспиња (15 одб), Коиј 8, Крсманчиќ 6, Хориха 4...
Вардар со победа над Мелзунген ја заврши годинешната европска сезона, а Гиљермо Милано ја продолжи победничката серија откако е на клупата на македонскиот вицепрвак.
Лидерот во Бундеслигата не предизвика многу големо внимание во Скопје, па салата „Јане Сандански“ беше полупразна, а да жалат треба вардаровите фанови кои не дојдоа денеска во живо да ја гледаат средбата затоа што Вардар одигра уште еден убав натпревар и најважно победи против првиот фаворит во групата.
Натпреварот не го одбележаа силни дуели типични за бундеслигашка екипа, повеќе беше убава размена на голови на двете страни, а разликата ја направија двајца играчи. Голманот Еспиња кој мечот го заврши со 15 одбрани и холандскиот пикер Лар Коиј кој беше стрелец на осум гола. Димитри Хориха го имаше својот посебен придонес во играта, патем постигна и четири погодоци.
Мелзунген во силен состав пристигна во Скопје, но немаше многу агресивен пристап во играта што конечно им се врати на семафорот. Парондо во отсуство на Арон Менсин го тестираше младиот Волф кој доби поголема минутажа и одговорност, а се чини дека Шпанецот и ги поцени можностите на својот поранешен клуб.
Одбраната на Германците оставаше многу простор на линијата, а тоа го искористи Ларс Коиј кој постигна дури седум гола во првиот дел.
Вардар го контролираше резултатот, водеше два до три гола разлика, а во финишот на првиот дел Мелзунген малку засили па на одмор се замина со резултат 17-17.
Размената на голови продолжи и во вториот дел, а кога Германците ќе се обидеа да засилат, им се испречуваше Еспиња, додека во нападот црвено-црните ги користеа своите шанси при што се истеканаа и Горига и Крсманчиќ, а убаво моменти имаше и крилото Пинто.
Времето почна да работи во корист на Вардар, немаше некаков јуриш од Германците, иако тензиите почнаа да се зголемуваат, па на крајот Вардар мирно го приведе мечот кон крајот.
Овој резултат како и да е, нема да смени ништо на табелата. Порто го совлада Валур 37-29 и освен што има подобар скор од меѓусебните дуели со Вардар, има и два бода повеќе.
Вардар се простува од Европа, но барам го прави тоа со стил.