Алкалоид се врти кон европската сцена

Викендов во Скопје ќе се игра европски ракомет и во ЕХФ Европскиот Куп. Македонскиот Алкалоид, единствениот од трите македонски клубови што опстана во ова натпреварување ќе игра два натпревари на домашен терен со австрискиот претставник Вест Виен.

Играњето на двата натпревари во својата сала е голема предност, иако изминатиот викенд следејќи го примерот на повисоко рангираната чешка екипа Ловосице на дуелот со италијанскиот Бриксен, како и на натпреварите меѓу Леотар и Драмен, видовме дека не значи дека е клучен фактор. Австрискиот тим во второто коло исто така играше два меча на гостински терен, против екипа од Фарски острови и уште по првиот меч имаше обезбедено пласман во третото коло (победа од седум гола разлика).
Алкалоид е млад тим кој сѐ уште ја бара својата позиција на меѓународната сцена и го нема луксузот да ја презема улогата на фаворит без оглед кој е противникот. Убав пример имаа во второто коло кога Драгунас Клаипеда, екипа од клупски неракометна земја демонстрираше во Скопје брз ракомет каков што не игра ниту еден македонски клуб, со исклучок единствено на Алкалоид.

Австрија е поинаква земја на клупски план од Литванија, таму традицијата е многу подолга и поуспешна, а меѓу сите нивни клубови во работата со млади играчи се издвојува токму екипата на Вест Виен.
Таа беше своевиден хит не само во Австрија туку и во комплетниот европски ракомет кога пред две сезони, откако во март им беше најавено дека клубот веќе нема да игра во најсилната лига, не само што не паднаа психолошки туку напротив испишаа приказна достојна да се сними мотивациски филм по неа и два месеца подоцна ја освоија шампионската титула.
Нивната приказна не заврши со тоа, напротив. Клубот го напуштија поискусните играчи, но победничкиот дух остана. Ги прегрупираа своите млади сили и иако беа второлигаши го освоија националниот Куп што им донесе и учество во Европа каде што се пласираа во третото коло. Патем успеаја и да се вратат во елитата.

Екипа што има ваков морал заслужува не само задолжителен спортски респект, туку и симната шапка до под. Потценување на тим што минал низ такво сито и стигнал до овде, без оглед на нивните моментални резултати е непочитување и на ракометот и спортот воопшто.
Викендов во Скопје очекуваме да видиме млада екипа која нема да има ограничувања и притисок врз себе и ќе се бори за уште едно чудо.

За Алкалоид вчерашното дерби треба да биде воспитна лекција пред двобојот со Австријците. Постои флоскула што вели „Подобро што сега се загуби, отколку кога ќе нема поправен“. Краткото приземјување треба да има поттикнувачки ефект за да се фати нов залет. Вест Виен и покрај сите комплименти е одлична шанса за брзо враќање на победничката патека. Очекуваме полна сала, амбиент во кој ќе уживаат сите актери, два убави натпревари и конечно, верификуван пласман за пролетниот Топ 16.

Натпреварите меѓу Алкалоид и Вест Виен ќе се играат во петок и сабота (29/30 ноември) во „Автокоманда“ со почеток од 19:00 часот. 

ЕХФ ЕВРОПСКИ КУП
РЕЗУЛТАТИ:  
Драмен (Нор) - Леотар (БиХ)  33-30, Леотар (БиХ) - Драмен (Нор)  21-32
Бриксен (Ита) - Ловосице (Чеш)  32-26, Ловосице (Чеш) - Бриксен (Ита)  29-34
Арендал (Нор) - Диомидис (Грц)  19-23, Диомидис (Грц) - Арендал (Нор)  36-33
Полва (Ест) - Бешикташ (Тур)  26-24
Бистрица (Свк) - БК-46 (Фин)  28-31
Турда (Ром) - Олимпијакос (Грц)  27-32
Пореч (Хрв) - Крка (Сло)  21-23
Кремс (Аут) - Партизан (Срб)  25-24
Раховец (Кос) - Баја Маре (Ром)  31-38
Мистра (Ест) - Јерузалем (Сло)  30-34
Рунар (Нор) - Целје (Сло)  41-28
Мотор (Укр) - Извиѓач (БиХ)  33-32
Анортозис (Кип) - Винтертур (Шва)  37-28
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk