РК ВАРДАР 1961 - РК АЛКАЛОИД 29-27 (15-13)
Сала: „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Сашо Кркачев и Ѓоко Колевски. Делегати: Драган Начевски и Душко Камишевски
РК ВАРДАР 1961: Еспиња, Гогов, М. Стојановски 1, Јагуриновски 1, Аларов, Т. Стојановски, Георгиевски 1, Танкоски 1, Коиј 2, Горига 7, Срдановиќ 6, Николиќ 4, Петриќ 2, Маргели 2, Ќосевски, Борозан 2
Седмерци: 4/7 Исклучувања: 10 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 4, Маркоски, Младеновиќ, Серафимов 3, Карасманакис, Стојковиќ 2, Митев 5, Ѓоргиев 2, Велковски, Симоноски 4, Бинго 1, Франциско 1, Петковски 3, Савревски
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 10 мин.
Екипата на Вардар го доби дербито со Алкалоид и му го нанесе првиот пораз на ривалот од Автокоманда, воопшто сезонава. Алкалоид имаше 14 победи досега, а овој пораз може да биде воспитувачки пред двата дуела од ЕХФ Европскиот Куп предвидени викендов. За утеха на помладиот ривал, Алкалоид има подобар меѓусебен скор од Вардар, ако дојде тој момент да решава.
Вардар и без Милан Лазаревски, вечерва играше агресивна одбрана која му донесе резултат, имајќи предвид дека Алкалоид не го доби посакуваниот ефект од дел од играчите, а видлив недостаток во играта беше отсуството на Никола Костески.
Домашниот состав подобро стартуваше во мечот и поведе со 4-1 и 5-2, по што се воспостави рамнотежа, а Алкалоид го почна напорниот пат кон бркање на негативата. Недолго потоа со серија од 4-1, гостите стигнаа до израмнување од 6-6, потоа го имаа и првото водство (7-6), а во вториот дел од полувремето стигнаа и до плус два разлика (11-9).
По ова Вардар влезе во подобар ритам, израмни на 11-11, потоа поведе 13-12, а првиот дел го реши во своја полза со резултат 15-13.
Вардар во вториот дел поведе и со три гола разлика (18-15), но се врати Алкалоид, израмни на 19-19 и имаше напад и за водство по одбраната на Галевски.
Галевски успешно ги бранеше шутевите на Срдановиќ од игра, но Србинот беше непогрешлив од линијата од седум метри. Голманот Еспиња, пак, двапати спречи Алкалоид да премине во водство, дури им овозможи на своие да поведат и со 24-22 во 47 минута.
Потоа во игра гол за гол, Алкалоид успеа да се доближи на 26-27. Во клучните моменти, сѐ се сведе на два шута од дистанца кои ги погодија Николиќ и Горига, додека Алкалоид избрза на спротивната страна и го загуби чекорот.
На крајот 29-27 и пенал за Вардар, а Иван Галевски по трет пат запре удар од пенал линијата за тој резултат да остане и конечен.
Поврзани вести