ПРОЛЕТ – ПРИЛЕП 23-23
Вистинското резултатско дерби бво 12 коло се играше во скопската населба Пролет, каде што домашниот тим Тинекс Пролет 62 го пречека Прилеп.
Прилепчани имаа водство во најголемиот од текот на натпревар, но скопскиот ривал се покажа како жилав противник кој не се предава лесно. На полувреме беше 14-12 за гостинскиот состав, водеа и со пет гола предност гостите (18-13), но домашниот тим влезе во ритам и со голем пресврт стигна до водство од 21-20 во 54 минута од мечот.
По ова прилепчани промашија и пенал, Даскаловски одбрани, но мина цела минута и два напада додека резултатот не се промени. А кога се промени беше во полза на домашниот тим, 22-20, потоа и 23-21.
Но, не се предадоа ниту гостите. Намалија на 22-23, а кога на триесетина секунди до крајот домашниот состав од крилна позиција промаши, добија шанса и за израмнување. И таа шанса ја искористија, Никола Цветаноски доби употреблива топка се крена над зоната на домашните и погоди за 23-23 и поделба на бодовите.
ОХРИД – РАДОВИШ 43-21
Двата тима од водечката четворка, Охрид и Пелистер запишаа убедливи победи во 12 коло, прво од вториот круг на натпревари во ракометната Суперлига.
Охрид на домашен терен го совлада Радовиш со безмалку 20 гола разлика (43-21), покажувајќи дека кратењето на Суперлигата не само што не донесе „концетрацијата“ на квалитет, туку имаше и негативен ефект.
Костов и Шишинкоски со по седум гола беа нејефикасните ракометари во победничкиот состав, Костадинов со четири гола беше најдобриот стрелец во екипата на Радовиш.
ПЕЛИСТЕР – ТИКВЕШ 40-23
Актуелниот првак, битолски Пелистер за противник го имаше тимот на ГРК Тиквеш кој на овој натпревар беше воден од Боро Ѓорѓиев и Орданчо Лазов, затоа што тренерот Кристијан Грчевски има репрезентативни обврски.
Кавадарчани беа рамноправни до резултат 9-9, потоа следеше серија од 4-0 за домашните, на полувреме беше 18-13, а комплетно се распаднаа гостите во вториот дел и од 26-20, стана 30-20 и така серијата стигна до 14-3 односно до конечните 40-23.
БИСИНОВ – СТРУГА 37-30
Ивица Илиев со 13 постигнати голови го предводеше тимот на Бисинов до втората суперлигашка победа. Велешани со 37-30 ја победија екипата на Струга откако резултатски доминираа цел меч, почнувајќи од 5-1 водство, потоа беше 10-5, 15-8...
Ненад Костоски со осум гола беше светла точка во поразениот состав.
КУМАНОВО – БУТЕЛ СКОПЈЕ 22-29
Сличен беше развојот на резултатот и во Куманово од каде што бодовите ги однесе Бутел Скопје. Гостите водеа 5-1, потоа беше 10-5, 15-7... Но, овде разликата се искачи и на плус 10, па така Бутел имаше водство и од 17-7, потоа 27-17 пред да бидат поставени конечните 22-29. Давид Димевски со осум гола од составот на Куманово и Дамјан Субашевски со осум постигнати голови од редовите на Бутел Скопје, беа најефикасните играчи на натпреварот.
Поврзани вести