Денеска продолжува Лигата на шампионите, а одново на терен и тоа домашен ќе настапи и првакот на Македонија, екипата на Еурофарм Пелистер.
Гостин во Битола ќе биде вториот дански претставник во европската елита, екипата на Фредериција. Овој тим со право се покажа како колектив од кој македонскиот клуб може да ги освои бодовите. Тоа му појде од рака пред репрезентативната пауза како гостин, денеска има шанса годинешниот настап во ЛШ да го претвори и во резултатски успешен, затоа што со евентуална победа и пет освоени бодови, со оглед на случувањата во групата, односно резултатите на Висла Плоцк, ќе остане конкурентен за пласман во елиминациите во најдобар случај до последното коло.
Ова ја покажува важноста на денешниот натпревар, а втор момент што ќе биде интересен да се проследи е дали уште во овој момент потпис на играта на Пелистер ќе има од новиот тренер Раул Алонсо и ќе видиме нешто ново во пристапот и перформансот на битолскиот тим.
Натпреварот меѓу Пелистер и Фредериција ќе биде директно пренесуван на ТВ каналот ТВ Арена Спорт 1 со почеток од 20:45 часот.
Претходно на истиот канал, со почеток од 18:45 часот ќе биде пренесуван натпреварот од групата „Б“ од Лигата на шампионите меѓу екипите на Загреб и Магдебург. Натпревар на кој ќе има уште едно тренерско деби, на Велимир Петковиќ на клупата на Загреб.