ВАЛУР – ВАРДАР 1961 34-34 (18-17)
Вардар непоразен се враќа од Исланд, одиграа нерешено 34-34 црвено-црните на гостувањето кај Валур, но ова е реултат што дефинитивно го отпишува македонскиот претставник од комбинациите за пласман во следната рунда, без оглед на поразот на Порто во Мелзунген.
Натпреварот од следното коло, кога во Скопје ќе дојде Мелзунген, без оглед на резултатот ќе биде последниот европски меч за Вардар во оваа сезона.
Валур, односно 22 годишниот Мани Јонасон вечерва го почастија Вардар со еден бод. Вардар веќе го имаше загубено натпреварот, Исланѓаните имаа 34-33 со истечено време, но литванските судии проценија дека Јонасон ги прекршил строгите правила во последните 30 секунди, доби црвен картон, а Вардар пенал што Срдановиќ го претвори во реми.
На ваквиот драматичен крај му претходеше 60 минутна резултатска брканица во која Вардар постојано беше во потера. Уште на почетокот Валур поведе со 2-0 и од тој момент македонскиот тим безуспешно се обидуваше да го стигне водството. Во првиот дел Валур имаше водство и од 13-9, но Вардар успешно се врати во игра и во второто полувреме во два наврата беше и во водство.
Последен пат водеше македонскиот тим во 58 минута со голот на Јагуриновски за 33-32, но следните два гола завршија во мрежата на Васил Гогов, па на крајот се сведе на последниот обид на македонскиот тим да израмни, во што успеа благодарение на Јонасон односно Срдановиќ.
Гоце Георгиевски, Ашраф Маргели и Марко Срдановиќ со по пет гола беа најефикасните ракометари во редовите на Вардар, каде што недостасуваа Лазаревски, Борозан и Еспиња. Голманот Гогов имаше седум одбрани.
Најефикасен на теренот беше Улфар Тордарсон со 11 постигнати голови, пред Оли Магнус Магнусон кој имаше седум гола, а голманот Бјоргвин Пал Густавсон мечот го заврши со 16 одбрани.
Photo credit: mbl. is/Ey Thor
Поврзани вести