Женската сениорска репрезентација на Македонија денеска ја почна финалната фаза од подготовките за настапот на Европското првенство што за десет дена почнува во Унгарија, Австрија и Швајцарија.
Селекторот на репрезентацијата, Кристијан Грчевски има 18 ракометарки на располагање, а тие ќе патуваат во Пореч, Хрватска каде што ќе се тестираат со домашниот состав и со репрезентацијата на Србија од 22 до 24 ноември, пред да заминат за Дебрецен каде што ќе ги играат натпреварите од Прелиминарната рунда.
Македонија е во групата со Унгарија, Шведска и Турција. Две од овие четири репрезентации ќе продолжат во Главната рунда, за две првенството ќе заврши во Дебрецен. Третопласираниот тим, пак, има шанса да биде сместен во првиот шешир за следните квалификации, за СП 2025.
Македонија првиот натпревар на ЕХФ Еуро ќе го игра на 28 ноември против Шведска, потоа на 30 ноември ќе игра против екипата на Турција, а на 2 декември ќе се сретне со домашната Унгарија.