Актуелниот првак на Македонија, екипата на Пелистер најде ново решение на тренерската позиција по разделбата со Бранко Ангеловски.
Битолчани се договорија со Раул Алонсо, 45 годишен тренер од Шпанија, познат и како ученик на познатиот Маноло Каденас, кому му асистираше во Мешко Брест.
Битолчани денеска ја официјализираа соработката и ја известија јавноста со соопштение:
Ни претставува особено задоволство да ви го претставиме нашиот нов предводник, кој доаѓа од земјата на ракометот. За првпат во историјата Еурофарм Пелистер ќе има шпански тренер на клупата и ќе работи по методот на добро познатата шпанска школа. Од денес наш нов тренер е Раул Алонсо, кој потпиша договор до крајот на оваа и наредната сезона, заклучно со јуни 2026 година.
45-годишниот Раул Алонсо голем дел од својата ракометна кариера како тренер ја мина во Германија. Тој работеше во Обернбург, Рајн Мен Бинен, а од 2010 до 2015 година беше дел од стручниот штаб на големиот Кил. Со „зебрите“ стана двоен европски првак како асистент на Алфред Гисласон, а заедно освоија и серија на домашни трофеи од Бундеслигата, Купот и Суперкупот на Германија. Потоа стана директор на академијата на Кил, а напоредно работеше и во Германската ракометна федерација. Самостојна кариера почна во Австрија, каде со успех го водеше Тирол.
Во 2018 година ја прифати понудата на Маноло Каденас и се пресели во Мешков Брест како асистент тренер. По само една сезона го презеде кормилото на белорускиот првак и не погреши. Во две сезони како прв тренер на екипата ги освои сите домашни трофеи и стигна до четвртфиналето и осминафиналето на Лигата на шампионите. Во 2022 година Раул се врати во Германија и го водеше тимот на Ерланген.