Photo credit: Rankinis .lt
Македонската репрезентација запиша пораз, прв во квалификациите за ЕП 2026 и се приклучи на друштвото на екипи кои во овој ноемвриски циклус не ја оправдаа комплетно улогата на фаворити. Рамо до рамо со нас се и Холанѓаните, Србија, Полска, Романија, а за влакно од губење на бод или два се спасуваа Шпанија, Словенија...
Тоа што сме дел од „трендот“ не е оправдување, исто како што не бараме алиби ниту во судискиот критериум, иако четири пробивања во (првите) 15 минути не е малку и не се гледа често.
Една од причините што Македонија не одигра на потребното ниво за победа е тоа што Марко Митев и Иван Џонов не можеа да пружат максимум.
Марко Митев поради спазам (мускулен грч), а Иван Џонов поради превиткан зглоб, играа малку. Сакаа да пружат максимум, но телото на им дозволи. Недостасуваа влезовите и асистенциите од луцидниот среден бек и опциите од левата страна.
Недостасуваа и други работи, причините за загубените два бода треба да се бараат во нашиот тим, тоа е единствениот начин да се елиминираат и да не се повторат на следните натпревари.
„Очекував тежок натпревар и тоа се случи. Тешко се победува на гостински терен ако не сте доволно добри, денеска сите играат ракомет. Бевме хендикепирани со повредите на Митев и Џонов. И двајцата изразија желба да играат, но не беа доволно подготвени за ваков тип на натпревар.
Имавме и добри и лоши моменти. Бевме во игра до крај за победа, но поснаодливи на крајот беа Литванците. Спортски им честитавме“, ни изјави Лазаров.
Нема простор за паника. Целта е Македонија да се пласира на Европското првенство. Мислам дека имаме реални шанси, останатото ќе се обидеме да го поправиме и да го корегираме. Недостасуваат браќата Костески и Јагуриноски, па имаме простор за напредок“, додаде Лазаров.
Ситуацијата во квалификациите поради неколку неочекувани резултати се искомплицира и конкуренцијата за најдобрите третопласирани стана посилна во однос на претходните квалификации, но овој пораз нема да ја извади Македонија од колосекот. Следуваат двата меча со Словенија која сега има голема предност за лидерската позиција, но тие и така беа фаворити за првото место. Македонија во третата фаза, кога ќе игра на гости кај Естонија и дома со Литванија ќе го верификува пласманот на првенството.
Поврзани вести