Македонија успешно го почна квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2026, а потпирајќи се на искуството од претходните квалификациски циклуси што се играа во овој формат, можеме да заклучиме дека со евентуална победа утре, на гостински терен кај Литванија, пласманот на ЕП во пракса веќе ќе биде обезбеден.
За резултатски поуспешен настап на самото ЕП, голема улога игра дали екипата ќе биде прва или втора во групата (поради шеширите во ждрепката), па за да остане Македонија барем до март во игра за првото место, потребна е победа во Вилнус.
Литванците предводени од Малашинскас и Атанавичуис во првиот дел од дуелот со фаворитот Словенија беа сосема рамноправни, што повискува на внимателност пред дуелот што ќе го играат на свој терен. Нивниот селектор, Гинтарас Савукинас, изјави дека за мечот со Македонија ќе мора да бидат подисциплинирани. Тие во првиот дел во Словенија направија само две-три грешки. Концентрацијата им падна во вториот дел кога го триплираа овој број. Гледајќи каква транзиција, упорност и брзина покажа нивниот вицепрвак Калипеда на дуелите со Алкалоид, македонскиот тим ќе мора да биде двојно повнимателен во секој сегмент, особено во одбрана.
„Не сакаме еуфорично да влегуваме во натпреварот, внимателни сме бидејќи ни е јасно дека нема да биде нималку лесно. Литванците со одличната игра во првото полувреме целосно парираа на Словенија, покажувајќи дека се квалитетна репрезентација.
Секогаш е тешко кога се играат квалификациски натпревари на гостински терен, тоа ни е повеќе од јасно, за да се триумфира мора да се биде максимално фокусиран во текот на сите 60 минути. Го анализиравме противникот и се подготвувавме за оваа средба, секако дека ќе сториме се за да славиме бидејќи знаеме дека триумф во Литванија би значел и огромен чекор напред кон билет за ЕП“, изјави Џонов во пресрет на дуелот со Литванците.
Поврзани вести