Победија сите (идни) противници на Македонија

Одиграно е првото квалификациско коло за пласман на ЕХФ Еуро 2026 во кое учествуваше и Македонија, а настапија и сите репрезентациите со кои ќе се сретнеме во поблиска иднина.
Сите екипи со кои ќе се сретне Македонија победија во првото коло, со исклучок на Литванија која играше исто така со еден од следните противници на Македонија.

Литванија, нашиот следен противник во првото коло гостуваше кај Словенија со која двапати ќе играме во март. Словенците лесно го добија овој дуел со 11 гола разлика (36-25), иако Литванија беше резултатски рамноправна во првото полувреме кое заврши со резултат 17-15.
Домен Макуц и Алекс Влах со по седум гола беа најефикасните Словенци во чии редови ги немаше Доленец, Мачковшек, Габер, Бомбач...
Кај нашиот следен противник (недела), Малашинскас, Атанавичиус и Домичиус постгинаа пола од головите.

Екипата на Унгарија со која ќе играме во првото коло од мундијалот во Вараждин, ја совлада со 37-32 репрезентацијата на Словачка. Крилото на Кил, Бенце Имре постигна најмногу, девет гола од кои седум беа од седмерец (7/8). Миклош Рошта беше незадржлив за Словаците (7/9), ново име, Бендегуз Бока левото крило на Балатонфуред, со пет гола беше зад него, а пред Фазекаш и Бодо кои постигнаа по четири.

Холандија, нашиот втор противник во мундијалската група во Вараждин, ја продолжи традицијата да игра „слабо“ во квалификациите. Иако постигнаа 40 гола на мечот со Украина, видоа доста мака на средбата што заврши 40-39.
Лук Стеинс не беше во тимот (фрактура на прст), ниту голманот Равенсберген. Но, неговиот соиграч од ПСЖ, Дани Бајенс постигна девет гола, еден повеќе од бекот на Магдебург и повратник по долга пауза - Каи Смитс.
Пикерот на Вардар, Ларс Коиј се изнагира против Украина и постигна 7 гола, исто колку и левото крило Ругер Ван Телде.
Најмногу мака, Холанѓаните видоа од крилото Димитри Артеменко кој имаше 13/13 и бекот Игор Турченко кој постигна девет гола.

Очекувано е Македонија да ја мине Прелиминарната фаза од мундијалот, а потоа исто така во Вараждин, во Главна фаза треба да се сретне со Австрија и Франција.

Австрија во квалификациите играше со Турција и отако цел натпревар водеше со 4-6 гола разлика, на крајот победи со 31-28. Себастијан Фримел, Никола Билик и Јанко Божовиќ беа најефикасните во тимот.

Франција игра на ЕХФ Еуро Куп, натпреварување за екипите што веќе се пласирани на ЕП 2026 (Шведска, Норвешка и Данска). Тие во првото коло играа со Шведска, победија 37-31 и скапо платија за овој триумф.
Имено, Елоим Пранди го повреди рамото и нема да игра во следното коло против Норвешка, а колку ќе паузира не е познато.
Лошата вест за Франција е што централниот бек Килијан Вилмино заработи сериозна повреда на Ахиловата тетива и за него можеби оваа сезона е веќе завршена.

КОМПЛТЕНИ РЕЗУЛТАТИ
1. КОЛО
ГРУПА „1“: Македонија - Естонија (37-33) Словенија - Литванија (36-25)
ГРУПА „2“: Ц. Гора - Финска (29-28), Унгарија - Словачка (37-32)
ГРУПА „3“: Грција - Грузија (27-26), Исланд - БиХ (32-26)
ГРУПА „4“: Шпанија - Италија (31-30), Србија - Летонија (38-25)
ГРУПА „5“: Чешка - Луксембург (23-17), Хрватска - Белгија (30-23)
ГРУПА „6“: Холандија - Украина (40-39), Ф. Острови - Косово (32-21)
ГРУПА „7“: Германија - Швајцарија (35-26), Австрија - Турција (31-28)
ГРУПА „8“: Португалија - Романија (37-30), Полска - Израел (32-32)

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk