Македонија утре против Естонија го почнува патот кон ЕП 2026

Македонската репрезентација утре ќе го почне квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2026 што заеднички ќе го организираат скандинавците Данска, Шведска и Норвешка.

Македонија е во групата „1“ заедно со Естонија, Литванија и Словенија. Две репрезентации обезбедуваат пласман, третопласираната ќе има втора шанса, доколку според резултатите од дуелите со првопласираните две екипи е меѓу четирите подобри од вкупно осум третопласирани екипи од квалификациите.

Естонија е првиот противник на Македонија, екипа што доаѓа од земја каде што ракометот не е спорт број еден, нивната федерација не е многу резултатски амбициозна и следствено немаат досега настап на ЕП. Добри играчи имаат.
Во Скопје по подолго време ќе го видиме леворакиот бек Данер Јаанима за кого своевремено, додека уште беше млад се интересираа и македонски екипи, но тој имаше одбрано поинаков пат со круна на кариерата од 2015 до 2018 година кога од Хамбург потпиша за Кил. Ракометот подоцна го одведе и во Јапонија, а во моментов игра на Блискиот исток, заедно со Карл Том, уште еден играч што ќе го видиме утре во Скопје. Тој игра на позицијата лев бек, има настапувано во клубови од втората Бундеслига, а во 2020 и 2021 беше прогласуван за најдобар естонски ракометар.
Ова дуо на централната бековска позиција е засилено со Михел Лоп, уште еден играч со германски екипи во резимето, на линијата го имаат Артур Моргенсон, интернационалец со искуство од Финска, а на голманската позиција Андрис Целминш.
Им недостастува нивниот најпознат играч, Мат Патраил, кој во моментов е во потрага по клуб и во договор со селекторот Мартин Нодла не е во комбинација за првите два натпревари.

Во последниот квалификациски циклус во кој беа во група со Чешка, Израел и Исланд, завршија на третото место со само една победа над Израел, но домашниот меч со Чешка што заврши со тесен резултат 30-32, повикува на внимание.
Друг момент што повикува на внимание е што веќе двапати се имаме „изгорено“ со нив. Немаме пораз, но во 2006 на нивни терен одигравме нерешено (30-30), а само четири дена подоцна ги победивме со 15 гола разлика (44-29).
Лекцијата не ја научивме, па две години подоцна, во 2008, откако дома ги победивме со девет гола разлика (31-22), одново кај нив одигравме нерешено (28-28).

Последен пат со нив игравме во 2011 година, а тогаш нашиот тим беше пофокусиран и победи на двата натпревара. Тринаесет години подоцна, повторно сме на дуел со нив. Данер Јаанима е единствениот што ќе биде на терен од тогашните ростери. Кирил Лазаров тогаш играше, а сега ќе биде на клупата, а уште двајца македонски репрезнтативци од тоа време сѐ уште се активни. Тоа се Никола Митревски и Никола Маркоски, но тие двајца ќе одморат на стартот на овие квалификации.

Натпреварот ќе се игра во „Борис Трајковски“ со почеток од 20:00 часот, а билети по цена од 200 и 300 денари можат да се набават преку продажната мрежа на МК Тикетс.




 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk