Селекторот Кирил Лазаров денеска ги доби на располагање за почетокот на квалификацискиот циклус дваесетте ракометари кои ги одбра за оваа акција.
Покрај повредите на десната крилна позиција на браќата Костески и неможноста Поповски да дојде на оваа акција, денеска на списокот го нема ниту Јагуриновски кој има проблем со половината, па повик доби Давид Савревски.
Во составот ги нема поискусните Никола Митревски и Филип Талески, а селекторот го објасни нивното отсуство.
„Ние сме во процес на подмладување на репрезентацијата што трае подолго време и треба да го користиме секој момент за овие млади играчи, кои сега играат и значајни натпревари за своите тимови, да добиваат шанса. Искрено, сакав да ги видам на дело и другите голмани, на еден собир, низ тренинзи и натпревари, да видам како ќе делуваат и функционираат кога за грб ќе немаат еден врвен чувар на мрежата како што е Митревски.
Што се однесува до Филип Талески, неговите квалитети ми се познати, но на последните настапи за репрезентацијата не се покажа во доволно квалитетно издание. Затоа за овие два натпревари ќе се обидеме со други опции, а шанса ќе добијат помлади играчи како Павле Атанасијевиќ. Тоа е во моментов, но не значи дека вратата за Талески е затворена“, вели Лазаров.
Поврзани вести