ФРЕДЕРИЦИЈА – Е. ПЕЛИСТЕР 23-25 (12-9)
Македонскиот првак, битолски Пелистер ја запиша својата прва победа во Лигата на шампионите и ги одржа шансите за пласман во Главната рунда на најсилното европско натпреварување.
Битолчани серијата од шест меча сезонава или вкупно 24 натпревари во ЛШ по ред без победа ја прекинаа во Одензе, Данска, на дуелот со екипата на Фредериција, дебитантот во ЛШ.
Пелистер победи со 25-23, зад секоја победа нормално, стои тимот, а овој триумф е со две раце потпишан од Никола Митревски кој имаше 15 одбрани, Павле Атанасијевиќ кој имаше 3/3, Филип Кузмановски кој имаше пет гола, но и беше двигател на пресвртот, а и на Жарко Пешевски кој во финишот постигна гол со кој ги згасна надежите на данскиот тим за пресврт.
Првото полувреме се играше ракомет по мерка на домашниот состав, без премногу воинствени дуели, со лесна транзиција по која на одмор заминаа со водство од 12-9 и тоа благодарение на Митревски кој имаше девет одбрани и спречи повисока предност на Фредериција.
На стартот на второто полувреме, Филип Кузмановски пресече топки во првите два напада, пото истото го направи и Павле Атанасијевиќ, а Пелистер веднаш се врати резултатски во игра.
Потоа почувствуваа гостите дека можат и до победа, па се разгоре битката. Дебитираше пикерот од Египет, кој кога ќе се вклопи подобро може особено да биде корисен и во одбрана.
Најубавите моменти за битолчани беа на десетина минути до крајот кога стигнаа до плус четири гола предност (21-17), но имаа домашните уште една шанса, намалија на 21-22, но Пешевски не дозволи комплетно враќање.
Конечно, гол за 25-22 на Хосни, а победникот дефинитивно беше решен, а резултатот остана да се дошминка со еден гол.
Следната недела, Пелистер ќе оди на втора победа, против истиов противник, овој пат на домашен терен.
Поврзани вести