Селекторот на машката репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров го скрати списокот на ракометари со кои Македонија ќе настапи на следните два квалификациски дуели за пласман на ЕП 2026.
Македонија ќе игра на 6 ноември во Скопје со Естонија и на 10 ноември со Литванија на гостински терен. Во оваа група е уште и репрезентацијата на Словенија со која ќе имаме двомеч во март.
Две екипи од оваа група одат на ЕП. Третата ќе се пребројува со бодови и гол разлика со третопласираните од другите седум квалификациски групи и ако е во подобрите четири и таа ќе се пласира на ЕП.
Интересен состав, доволно квалитетен за победа на овие два меча, иако нема да биде лесно особено на гости кај Литванците. Ќе забележите секако дека во тимот го нема Филип Талески, а шанса веруваме дека на голот ќе добие младиот Иван Галевски. Лазаров реши да им даде шанса на помладите со оглед на противниците, а поискусните играчи како Митревски и Маркоски ќе имаат шанса да се одморат следните десетина дена.