Екипата на Алкалоид, единствениот преостанат македонски претставник во ЕХФ Европскиот Куп денеска го дозна ривалот со кој ќе се бори за пласман во 1/8 финалето на ова европско натпреварување.
Тоа е екипата на Вест Виена од Австрија, клуб што шест пати бил шампион, трипати освојувач на Куп и двапати вицепрвак на Австрија. Има во својата историја запишано и полуфинале во Лигата на шампионите (1993/94).
По крахот во 2023 година, клубот кој важи за еден од најдобрите произведувачи на млади играчи во земјата, ги задржа младинските категории и минатата сезона го освоија Куп на Австрија на што се должи и нивното годинешно учество во ЕХФ Европскиот Куп.
Сезонава одново играат во најсилната конкуренција и по комплетирани седум кола се наоѓаат на 11 место од вкупно 12 екипи со една победа и шест порази. Стартот им е лош, но треба да се има предвид дека освен на почетокот на сезоната кога загубија со седум гола разлика од Кремс, на другите натпревари, иако губеа тоа беа со разлики најмногу до пет гола.
Пет ракометари на Вест Виена се дел од јуниорската репрезентација на Австрија што го освои шестото место на М20 ЕХФ Еуро, летово во Словенија. Бевме во иста група со нив, а на меѓусебниот дуел тројца од актуелните играчи на Вест Виена беа на теренот на средбата што заврши нерешено 20-20. Австрија се пласираше во Главната рунда, Македонија играше во разигрувањето и првенството го заврши три места зад нив, на деветтото место. Ќе се потсетат Галевски, Карасманакис и Дамјан Митев на левото крило, пикерот и левиот бек на Австрија.
Вест Виена во второто коло имаше противник од Фарски острови, екипата на ВИФ. Двата меча се играа на Фарски острови. На првата средба победи Вест Виена со 29-22, на втората победија домашните до 34-30 и Австријците продолжија во следната рунда.
Алкалоид има причини да биде задоволен од исходот на денешната ждрепка, Вест Виена е екипа што не треба да се потцени, но главниот збор на двомечот треба да го има македонскиот тим.
Вест Виена е рангирана на 12 место во ЕХФ Европскиот Куп, па ако Алкалоид мине во следното коло ќе го преземе нивното место на ранг листата, а тоа значи дека во ждрепката за 1/8 финалет ќе ги избегне Партизан, АЕК, Бешикташ, Винтертур...
Ако нема договор двата меча да се играат на ист терен, тогаш првата средба ќе се игра во Скопје (23/24 ноември, а реваншот е на 30.11/01.12 во Виена).
Ако не знаевте: Вест Виена стана првак на Австрија во сезоната 2022/23, но не го бранеше пехарот. Уште пред да заврши првенството, објавија дека финансиски не можат да продолжат во најсилната лига и се вратија едно ниво подолу.
ЕХФ ЕВРОПСКИ КУПОВИ, ПАРОВИ 3. КОЛО
1 ШЕШИР ЗА 1/8 ФИНАЛЕ
(24) Мотор Запорожје (Украина) – (1) Извиѓач (БиХ)
(20) Раховец (Косово) – (2) Баја Маре (Романија)
(3) Арендал (Норвешка) – (22) Диомидис Аргус (Грција)
(30) Пореч (Хрватска) – (4) Крка (Словенија)
(5) Хаукар (Исланд) – (29) Ќур (Азербејџан)
(31) Потаиса Турда (Романија) – (6) Олимпијакос (Грција)
(23) Бриксен (Италија) – (7) Ловосице (Чешка)
(32) Рунар Сандефјорд (Норвешка) – (8) Целје (Словенија)
2 ШЕШИР ЗА 1/8 ФИНАЛЕ
(17) Анортозис (Кипар) – (9) Фади Винтертур (Швајцарија)
(10) Бистрица (Словачка) – (18) БК-46 (Финска)
(11) АЕК Атина (Грција) – (28) Ловќен Цетиње (Црна Гора)
(26) Алкалоид (Македонија) – (12) Вест Виена (Австрија)
(19) П. Сервити (Естонија) – (13) Бешикташ (Турција)
(21) Кремс (Австрија) – (14) Партизан (Србија)
(27) Мистра (Естонија) – (15) Јерузалем (Словенија)
(16) Драмен (Норвешка) – (25) Леотар (БиХ)
Поврзани вести