Француското крило Арно Бинго е првиот странец што дојде во Алкалоид. Дојде со сериозна репутација каква што има секој играч што стигнал до дресот на репрезентацијата на Франција. Донесе искуство, донесе и брзина, луцидност и атрактивност. Особено сезонава се истакна во сите споменати сегменти на речиси сите натпревари што ги играше.
Арно Бинго има 37 години и кариера во која играше во Вилербан, во два наврата во Трембле, Монпеље, Спортинг и Бенфика пред да ја прифати понудата на Алкалоид и да слета во Скопје. За репрезентацијата на Франција, има 31 настап.
На двата дуела со Клаипеда Драгунас, постигна 15 гола (9+6), донесе дополнителна брзина во транзицијата, одлично покриваше и во одбрана.
Ако не знаевте: Арно Бинго е син на познатата атлетичарка од Централна Африканска Република, Денис Оубанги. Таа настапи за Централната Африканска Република на трката на 400 метри на Олимписките игри во Атланта 1996 година.
Алкалоид успешно ја мина првата европска препрека. Но и противникот, иако не е познато ракометно име, пружи силен отпор, особено на вториот меч, беше ли тоа за очекување?
„Мислам дека и вториот натпревар беше комплициран. Знаевме дека овој тим многу трча, се бори до последен момент. Тоа е важно во вакво натпреварувње, затоа што е специфичен модел, можеш да победиш со 10 гола, а потоа и да изгубиш и со 15 ако не си фокусиран. Затоа дојдовме овде не со цел да браниме разлика, туку да победиме и овде. Најважно е дека успеавме, победивме и се пласиравме во следното коло.
Од агол на искусен ракометар што имал шанса да игра во силни шампионати, каква е вашата оценка за прогресот на екипата?
Тимот многу брзо расте и многу работиме. Тоа е клучот, многу работиме, добро работиме и имаме добар напредок, а добиваме и на искуство.
Минатата европска сезона, по мечот во Логроњо изјави дека оваа екипа е полна со млади играчи, желни да играат, но има пред нив многу работа. Каков е сега ставот по истото прашање?
Мислам дека сега научија и разбраа многу работи. Разбраа како мора да се игра, но тие и натаму се многу млади. Овој тим, уф, мислам дека има гоолем потенцијал да напредува и да стане серизоно добра екипа што ќе може со сите да се надигрува.
Оваа екипа, ме потсетува на Порто. Тие беа вакви, многу млади, без речиси никакво искуство, но ден по ден, година по година пораснаа. Освоија не знам колку титули во Португалија, а и во Лигата на шампионите имаа одлични резултати. Токму на Порто ме потсетува оваа екипа на Алкалоид, вели Арно Бинго.
Алкалоид во вторник ќе го дознае вториот противник во ЕХФ Европскиот Куп, потоа ќе следи познатата анализа и подготовка за пласман меѓу најдобрите 16 екипи во ЕХФ Европскиот Куп