G-Sport во Клаипеда, Литванија
Ристо Ѓамовски
Алкалоид ја мина првата препрека во ЕХФ Куп со двојна победа над Клаипеда Драгунас од Литванија. Тренерот Кирил Лазаров има причини да биде задоволен. Денеска ја запиша првата гостинска победа на Алкалоид во Европа, пласман во третото коло на ЕХФ, трет добиен меч во шест дена и продолжува без пораз во новата сезона. По натпреварот изјави:
„Не е лесно да се победи било кој противник на гости, посебно во еден европски куп. Победата ја остваривме со стил, во 22. минута имавме девет разлика, потоа дојде до некое опуштање и се мачевме цел натпревар. Меѓутоа, сите овие работи се нови за нашите играчи, имам разбирање, треба да учиме од грешките. Победивме една квалитетна екипа која физички трча 60 минути и не е лесно да се подговиш за неа. Иако ова е прво европско коло, горд сум на она кое го направивме. Посебно во последните три дена во кои имавме три средби кои доста бараа од нас.
Анализирајќи го противникот, првата средба беше потешка. Увидов дека се работи за квалитетен ривал кој знае што сака. Шпанскиот систем донел ред во овие четири до пет месеци, многумина ме гледаа како смешен кога кажав дека треба да се биде претпазлив. Влеговме дисциплинирано, успеавме да поставиме една добра залиха во Скопје која ни даде да спиеме мирно. Сакавме да победиме и на реваншот, тука ни беше полесно да играме, затоа што знаевме што не очекува.
Ни следи ждрепката од третото коло, имаме свои желби, за да имаме и поголеми шанси. Кој и да ни падне на ждрепката, нема ние да се си ставаме некаков товар. Важно ни е ние да одиме напред и нашиот систем да функционира. Нема да излеземе на терен со бело знаме, без разлика на името и на квалитетот на противникот“