Бранко Ангеловски поднесе оставка од тренерската позиција во Пелистер, по поразот во суперлигашкото дерби во „Автокоманда“. Епилог што е очекуван, имајќи предвид дека веќе извесен период наназад, особено по загубениот Суперкуп и поразот од Вардар, неговата позиција беше сериозно разнишана, а на дуелот во „Автокоманда“ практично беше дојден со ковертирана оставка во џеб и единствено победа над Алкалоид можеше да го одржи на позицијата тренер. Такви беа околностите без оглед на тоа што шампионатот е во рана фаза, а двата дерби меча Пелистер ги загуби на гостински терен, па практично ништо сериозно нема загубено во трката со ривалите.
Начинот на кој играше и губеше, пак, е поинаква приказна и тоа најдиректно кумуваше за ваков расплет. Ангеловски поднесе оставка, ракометна Битола се „смири“. Дали беше сѐ до тренерот односно индивидуалецот или системот, ќе видиме, ќе покаже времето.
Како и да е, страстите за момент се смирени, а лошата вест е што Пелистер веќе утре игра меч од Лигата на шампионите и тоа со екипата на Веспрем.
Нов тренер, привремено е Звонко Шундовски, очекувана реакција да биде ангажира тренер од потесното опкружување во прв момент. Клубот денеска го потврди тоа со објава на својот веб сајт.
РК Еурофарм Пелистер ја прифати оставката на тренерот Бранислав Ангеловски по натпреварот против Алкалоид. Клубот му се заблагодарува на ангажманот, професионалноста и остварените цели во претходните една и пол година. Му посакуваме среќа и успеси во понатамошните професионални предизвици.
Клубот наскоро ќе го именува новиот тренер, а дотогаш екипата ќе ја води Звонко Шундовски.
Бранко Тамше е име што најчесто се споменува како желба за иден тренер, но кога и ќе биде донесено решение и дали ќе биде тој или некој трет, исто така ќе видиме.
Поврзани вести