Два важни натпревари се денеска на програмата, едниот од македонската Суперлига, другиот од ЕХФ Европската лига и ќе ги видиме на дело трите најдобри македонски екипи во моментов.
Први на терен од 19:00 часот во скопска „Автокоманда“ се екипите на Алкалоид и Пелистер. Ова е дуел на досега непоразениот скопски клуб и актуелниот првак кој има еден загубен меч, дерби средбата со Вардар што се играше во „Јане Сандански“.
Средбата има резултатска важност, иако во оваа фаза од Суперлигата, не се решаваат преголеми работи. Да потсетиме, во пролетниот дел од првенството, во Плејоф ќе се пласираат шест екипи. Од нив првопласираниот пренесува три бода, второ и третопласираните пренесуваат по два бода, четврто и петтопласираниот по еден бод, а шестопласираниот ќе стартува без бодови.
Дуелот меѓу Алкалоид и Пелистер ќе биде директно пренесуван на МТВ.
Мечот што може да му ги отвори вратите од Главната рунда на ЕХФ Европската лига на Вардар, ќе се игра вечерва од 20:45 часот во „Јане Сандански“. Ова ќе биде дуел меѓу Вардар и Порто. Со оглед на тоа дека Порто неочекувано загуби еден бод на гостувањето кај Валур на Исланд, македонскиот тим се наоѓа во поволна позиција, со евентуална победа во Скопје да може да го избегне директното резултатско соочување со Португалците (евентуалната гол разлика дома-гости).
Овој натпревар ќе биде директно пренесуван на каналот ТВ Арена Спорт 5.
Поврзани вести