-
21.10.2024
-
Вести, Планета ракомет
Foto: EHF
Банкротираше трикратниот европски шампион Вајперс Кристијансанд од Норвешка. Овој клуб ја освојуваше ЛШ во 2020/21, 2021/22 и 2022/23, а и годинава се натпреварува во Лигата на шампионите.
Банкротот на Вајперс беше најавен, но не беше избегнат, повеќе од 2 милиони евра требаше да бидат собрани за да опстане. Во саботата клубот на прес конференција објави дека ќе банкротира и дека веќе се подготвуваат формуларите што треба да бидат проследени до соодветната институција.
Веднаш потоа група акционери се групираше со цел да го преземат клубот и да го спасат од гаснење, но тоа не значи дека ќе играат на актуелното ниво.
Реагираше и ЕХФ и објави дека до 10 ноември ќе има и официјален став за статусот на Кристијансанд во Лигата на шампионите.
Што ќе се случи со ракометарките, ќе се знае наскоро. Тие не се ослободени од договорите сѐ додека не биде формализиран банкротот, но ако еден месец не бидат исплатени, можат и самите да го раскинат договорот.
Во оваа екипа, откако неодамна ја продадоа Ана Вјахирева и со парите од тој трансфер накратко си го продолжија животот, останаа низа познати играчи. Меѓу нив се репрезентативките Катрине Лунде, Сије Солберг, Луис Абинг, Ана Дебелиќ, Јана Кнедликова, Нина Копанг, Јамина Робертс, Марта Томац...
Кога клуб оди во банкрот, вообичаена пракса е ракометарките веднаш да можат да бидат регистрирани за нов клуб, а резултатите на Вајперс најверојатно ќе бидат поништени.