Нов пораз на Пелистер во Лигата на шампионите

ВИСЛА ПЛОЦК - ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР  26-18 (13-11-

Освоениот бод во Битола во минатото коло и победата на дербито со Охрид, не беа вовед во пресврт на сезоната на македонскиот првак Пелистер.
Вечерва битолчани се поразени на гостински терен во Плоцк, кај полскиот шампион Висла, убедливо со осум гола разлика (18-26).

Лошо отвори Пелистер во Плоцк, по првата четвртина од натпреварот се закануваше катастрофа, затоа што Полјаците поведоа со 9-2.
Големото и лесно обезбедено водство ги олабави домашните, а битолчани веќе си имаат име дека се екипа што знае да се врати во игра. Влегоа во добар ритам, одбраната им е подобрена, па намалија на 9-11, а на полувреме исто така беше само два разлика (13-11).

На стартот на второто полувреме, Висла постигна два гола, поведе со 15-11, а потоа водството се движеше од 4 до максимални осум гола разлика.
Немаше нов бран на Пелистер за враќање во игра, Полјаците ја контролираа средбата, а обидите на битолчани да влезат во серија ги спречуваше пред се ветеранот Мирко Алиловиќ кој на крајот имаше 11 одбрани, две повеќе од комбинираното остварување на голманите на Пелистер, иако и на спротивната страна, мотор на сите обиди да се врати во игра беше голманот Митревски.

Подвлечено ова е епилог што никого нема да изненади, иако по минатонеделното реми, очекувавме повеќе отколку само „лесен“ пораз на Пелистер. Позитивно можеме да издвоиме дека дефанзивата работи подобро од претходно, но за прва победа, ќе чекаме нов натпревар.

Не сме импресионирани ниту од Висла, сега е поприлично јасно зошто немаа бодови досега, а гледајќи ги бековите шутери Пирох и Сита, уште појасно е зошто за следната сезона ги сакаат Мелвин Ричардсон, Зоран Илиќ и Ахмед Хешам.

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk