МЕЛЗУНГЕН - ВАРДАР 34-18 (17-10)
Бундеслигашката екипа Мелзунген му нанесе катастрофален пораз од 16 гола разлика на македонскиот вицепрвак Вардар 1961 во второто коло од ЕХФ Европската лига (34-18).
Германскиот состав, односно нивниот тренер Гарсија Парондо, добро го имаше проучено Вардар, неговата игра и можности и беше поставена нивната игра така за да ги скрие сите приоди кон својот гол и да ги искористи сите слаби страни на црвен-црниот тим.
Брзо стана јасно дека ќе гледаме нерамноправен натпревар. По нешто повеќе од пет минути игра, Германците веќе водеа со 5-1. Потоа беше 9-3, а потоа дојде најдобриот период за македонскиот тим во кој успеа резултатски да се врати во игра до 9-11.
Кратко траеше надежта на гласните македонски фанови во немногу исполнетата арена во Германија. Од резултат 11-9, до крајот на полувремето домашните постигнаа шест, а примија само еден гол за 17-10 по 30 минути игра.
Вториот дел беше и полош од првиот. Одбраната на Мелзунген успешно покриваше, голманот Моравски (17 одбрани вкупно) добро се поставуваше за ударите на надоврешната линија (Борозан 0/5, Маргели 3/10, Петриќ 2/7, Николиќ 2/6), а обидите да се проигра пивот не минуваа добро. После три минути беше 10 разлика (20-10) за Мелзунген, а Парондо веќе и не го користеше Криштопанс, а малку подоцна и плејмејкерот Баленсијага.
Но и со таа ротација, Мелзунген лесно се справуваше со одбраната на Вардар која имаше многу мака за затвори, правејќки седмерци во серија што Иан Баруфет лесно ги реализираше.
На десетина минути до крајот Мелзунген водеше со 16 гола разлика и се закани и фијаско од сосема нова димензија, но и Германците имаа понекоја грешка, Гогов одбрани во тие моменти и спречи разликата да отиде до 20.
Но, мала е тоа утеха, конечните 34-18 се доволен показател за тоа што го одигра Вардар во Германија.
Шипош, Јонсон и Баруфет со по пет гола предводеа листа на стрелци кај победничкиот состав, додека во редовите на Вардар, Крсманчиќ со четири гола (два од пенал) и Маргели и Лазаревски со по три гола беа најдобрите стрелци.
Поврзани вести