-
15.10.2024
-
Вести, Актуелно
Photo: EHF
Друштвото во кое се наоѓаат Кометал Ѓ. Петров, Слагелсе, МАР Валенсија и најуспешниот на сите времиња Спартак Киев или пак тие што имаа малку повеќе среќа како Ларвик, Хипо и Виборг во петок најверојатно ќе добијат нов член во друштвото.
„Покана“ за членство во овој круг на екипи значи шампионски пехар во ЛШ и потоа банкрот и гаснење или пак трансформација во клуб што веќе не игра никаква поважна улога во Европа.
Норвешкиот Вајперс Кристијансанд, трикратниот европски првак кој во своите редови сезонава има ѕвезди како Сије Солберг, Луис Абинг, Јамина Робертс, Јана Кнедликова итн до петок мора да обезбеди 2.150.000 евра за да може да продолжи да функционира.
Петок е одреден како краен термин, затоа што тогаш треба да исплати плати. Во Норвешка финансискиот систем функционира според строги принципи и не се прогледува низ прсти на финансиски неликвидни колективи кои не можат да си ги сервисираат долговите, макар се работи за клуб што три години по ред беше европски шампион.
Вајперс Кристијансанд е помалку повеќе оставен сам на себе да ги најде парите. Двапати досега успеваше да се спаси од банкрот, еднаш благодарејќи на продажбата на Ана Вјахирева, но и тогаш сумата беше петпати помала.
Ракометарките вчера биле информирани за состојбата во клубот, а беше одржана и прес конференција на која на јавноста и беа соопштени алармантните вести.