Македонскиот вицепрвак Вардар по комотната стартна победа во ЕХФ Европската лига над Валур, утре ќе го одигра вториот меч, прв на гостински терен и тоа кај топ фаворитот Мелзунген од Германија.
Бундеслигашот е поинаква класа и категорија од Валур и важи за екипа што најголем дел од познавачите ја гледаат и на самата завршница на второто по сила натпреварување на ЕХФ.
Утре на терен во противнички дрес ќе видиме многу светски познати имиња. Почнувајаќи од тренерот – Гарсија Парондо. Неговата тренерска кариера почна во 2019 во Скопје и уште од прва стана европски првак со Вардар. Ова ќе биде неговиот прв меч против поранешниот клуб.
„Сигурно дека по натпреварот ќе се дружам и со Вардар и ќе евоцираме спомени“, изјави Парондо клупскиот веб сајт. „Претходно, тоа ќе биде натпревар како и секој друг“.
Шпанскиот стратег во Вардар беше една сезона, а потоа стана селектор на Египет, па во 2021 и тренер на Мелзунген. Таму, врши одлична работа затоа што по две сезони, конечно, склопи тим за излез во Европа и за важна улога во Бундеслигата.
Тимот на Парондо е доста интересен и во груби линии изгледа вака: Голмани се Црногорецот Небојша Симиќ и германскиот голман Карстен Лихтлејн.
Имаат несекојдневен тандем на играчи, нешто слично како и во Вардар. Тука се најнискиот бек во Европската лига (Баленсијага) и највискиот (Криштопанс).
Заедно со Баленсијага на централна бековска игра и тунискиот ас Дармул. Леви бекови се Александре Кавалканти, Арон Менсинг и Елвар Јонсон. Десни бекови се Криштопанс и швајцарскиот играч Ендерјелјт.
Уште еден екс вардаров играч во моментов е кај Парондо, а тоа е бразилскиот пивот Рожерио Мораеш, а на линијата се и незгодниот дефанзивец Адриан Шипош од Унгарија и Фреир Арнарсон од Исланд. Крила се Тимо Кастенинг и Димитри Игњатов десно и Давид Мандиќ и Јан Баруфет - лево.
Составот е со интернационален предзнак што не беше нивна политика претходно, а имаат и доволно германски играчи кои не се преден план, со исклчок на Лихтлејн, Кастенинг...
Во првото коло како гостин го совладаа Порто и на дуелот со Вардар ќе бидат големи фаворити, а победа практично им ја отвора вратата од следната рунда.
Флоскулата „нема што да загуби“ е сосема прикладна за Вардар за овој натпревар, натпреварите на кои ќе имаат поголем притисок допрва доаѓаат.
Поврзани вести