Екипата на Бутел Скопје освои големи два бода на гостувањето во Кавадарци, а освен важноста на бодовите, голема сатисфакција и ветер во грб за следните предизвици е и начинот на кој стигнаа до триумф.
Кавадарчани водеа 23-22 на една минута до крајот, но Бутел Скопје успеа да израмни. Потоа тргна ГРК Тиквеш во последен напад, тренерот Грчевски го пресече со тајм аут и откако повторно излегоа на терен на семафорот имаше помалку од 30 секунди.
Одлуката да се игра на сѐ или ништо (без голман) ја гледаме како сосема оправдана, но сетилата на кавадарчани не беа доволно изострени, па Димитар Узунчев пресече додавање и тргна сам кон празниот гол на домашните. Нормално, таа акција заврши со погодок за водство, а ГРК Тиквеш во самиот финиш имаше уште еден обид, но шутот од крилна позиција заврши во стативата и бодовите заминаа за Скопје.
Последната минута од мечот (и целиот меч) можете да го погледнете на видеото.
ГРК Тиквеш сега има две победи, четири порази и едно реми, а тоа е старт што кавадарчани сигурно не го очекуваа. Ако погледнеме назад, две работи би можеле да издвоиме клучни за тоа што ситуацијата вака се развива. Првиот е очигледно лошиот избор на Драган Марковиќ Марка за тренер што сега се одразува на сите страни, а вториот е повредите на централните играчи Симиќ и Шулески. Не се сомневаме воопшто во тоа дека ќе се пронајдат порано или покасно на терен и ќе фатат ритам, прашањето е дали нивните директни ривали во трката за Плејоф ќе го искористат во меѓувреме овој лош период на кавадарчани.
Бутел Скопје сезонава со посилно изразен домашен карактер на ростерот фаќа правец кој заслужува убави зборови. Играчите што стигнаа летово претежно од Мулти Есенс, особено Димитар Узунчев (фото), добро се вклопуваат со костурот на тимот од минатата сезона. Тренерот Горан Кузманоски успеа да ја избалансира екипата и резултати како сатисфакција веќе имаат, а просторот за напред е отворен.