фото: ГРК Охрид
Вечерва ќе биде комплетирано седмото коло од машката Суперлига со дерби меч во кој за прв пат против тим од водечката четворка силите ќе ги одмерува екипата на ГРК Охрид.
Стевче Алушовски со перфектен скор од 6-0-0, ќе го води својот тим од езерото на дерби во Битола.
ГРК Охрид е тим што од сенка ќе ги напаѓа фаворитите годинава. Клубот веќе неколку години сериозно инвестира во играчкиот кадар, селекцијата на странци значително се подобри, домашните ракометари се познати имиња од нашата сцена и на хартија не би рекле дека има некоја особена разлика што би го ставила во втор план дури и во трката за шампионската титула.
Хартија и терен не се исто, а предвидувањата и прогнозите за дострелот на ГРК Охрид допрва ќе бидат актуелни и ставени на тест, затоа што со вечерашниот дуел со Пелистер, за нив практично почнува сезоната, а следат дуели со романската Турда во ЕХФ Куп неделава, потоа и мечевите со Вардар и Алкалоид.
Еурофарм Пелистер, пак растргнат меѓу амбициите, очекувањате, резултатите и нестрпливите домашни фанови грчевито се бори да фати ритам и правец за да ги задоволи сите страни.
По 21 пораз во низа во Лигата на шампионите од кои 17 се дело на актуелниот тим, конечно, освои бод во ЛШ и отвори еден вентил за да се испушти притисокот чија стрелка веќе беше во „црвената“ зона на барометарот.
Бодот со лидерот на табелата во ЛШ, Спортинг, дава и поинаква слика за нивните можности, колку е реална ќе покажат следните натпревари. Но, покрај лошиот старт на сезоната во кои беа поразени во Суперкуп и на првото дерби од скопските ривали Алкалоид и Вардар, не смееме да го потцениме и да го заборавиме фактот дека Пелистер е актуелен првак и дека нивниот тим е составуван за настап и во Лигата на шампионите.
На домашната сцена, следствено, би требало да бидат неприкосновени со актуелниот ростер. Дали или кога ќе „кликнат“ и ќе ги оправдаат очекувањата ќе покаже времето. Третото дерби за нив е вечерва, прво на домашен терен во Суперлигата.
Натпреварот ќе се игра со почеток од 18:00 часот.
Поврзани вести