Неверојатен кам бек и прв бод за Пелистер во ЛШ!

Е. ПЕЛИСТЕР – СПОРТИНГ 24-24 (15-12)
Кузмановски 5, Пешевски 5, Радивојевиќ 5 – М. Кошта 5, Салвадор 5, Гури 5

Македонскиот првак одигра нерешено на домашен терен со годинешниот хит во Лигата на шампионите, Спортинг Лисабон и го освои првиот бод во елитното натпреварување.
Серијата од 21 пораз (17 на овој тим и 4 наследени) на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите заврши вечерва со неверојатен пресврт во последната минута и нерешен меч со Спортинг Лисабон во рамките на четвртото коло од Лигата на шампионите.

Битолчани беа отпишани и вечерва, имаа минус од три гола 21-24 на една минута до крајот на средбата, а притоа беа и во серија од 12 минути без постигнат гол.

Но, Португалците прерано почнаа да слават. Мислеа само на тоа како да го потрошат времето, отстапија од играта, правеа грешки по само неколку секунди, а ракометарите на битолскиот тим почнаа да погодуваат.
Храбрите ги следи и среќата, а вечерва ракометарите на Пелистер беа храбриот тим, одиграа борбено до последната секунда стигнаа погодоци од Радивојевиќ, Борзаш, а на крајот со погодокот на Атанасијевиќ стигна и заслужената награда.




Претходно македонскиот првак го диктираше резултатот и тоа што вечерва беше клучно, го контролираше ритамот по кој се играше натпреварот. Португалците беа натерани на позициона игра, против густа одбрана со многу дуели и нивното најсилно оружје, транзицијата и головите од влез беа запрени.

Битолчани имаа на својот гол одличен голман, Никола Митревски бранеше тешки шутеви во важни моменти, а на спротивната страна, сѐ до 45 минута не беше така, па следствено Е. Пелистер поведе по двата гола предност на полувреме (15-13) со 20-16 во 41 минута.
Жарко Пешевски играше одличен натпревар, и генерално одбраната на македонскиот состав беше тешка препрека за Португалците. 

Но, од тој момент сѐ тргна надолу, по водството од 20-16. По само две минути беше 20-19, а потоа Спортинг израмни и го презема водството. Битолчани по најголемото водство, до 58 минута имаа постигнато само 1 гол, минусот се искачи на три (21-24) и навидум беше решен победникот.

Но, одиграа бескомпромисно до крај македонските ракометари, гостите сосема се изгубија во амбиентот на битолските навивачи и на крајот двете страни мораа да се задоволат со тоа што освоија по еден бод.




 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk