Лигата на шампионите продолжува денеска, а на терен и тоа домашен ќе биде и македонскиот првак. Битолчани го пречекуваат Спортинг Лисабон, а средбата ќе се игра со почеток од 20:45 часот.
ТВ пренос ќе има на ТВ Арена Спорт 2.
Пред почетокот на Лигата на шампионите, во чаршиските анализи, Спортинг беше тим етикетиран како еден од тие против кој Пелистер може до бодови. Откако почна Лигата на шампионите - не е така. Надежта, сепак, е последната што останала во Пандорината кутија.
Спортинг годинава на домашен терен ја совлада Висла Плоцк до 34-29, потоа на гости со 37-19 славеше над Фредериција, но халјат на нивниот настап во елитата е победата од 39-30 над Веспрем на меч на кој водеа и со 12 гола разлика во 50 минута.
Татко и два сина го соќинуваат моторот на Спортинг. Рикардо Кошта е тренерот, неговите синови Мартим Кошта и Франциско Кошта се главните бекови шутери. Кога се споменуваат браќата, уште еднаш ќе подвлечеме дека повозрасниот, Мартим Кошта, патот кон славата почна да го црта во Скопје. Тој како 16 годишник играше во втора португалска лига и беше дел од кадетската репрезентација на Португалија на мундијалот во 2019 во Македонија. Ниту еден македонски клуб не покажа заинтересираност тогаш, малтене ни да го гледа.
А (им) беше сугерирано дека има вонсериски играч во Португалија.
Сега има 22 години и заедно со својот две години помлад брат, на „берзата“ според непотврдени информации во пакет вредат меѓу 1.5 и 2.5 милиони евра.
Уште еден играч што во 2019 играше на мундијалот во Скопје доаѓа вечерва во Битола, а тоа е левиот бек кој има голема улога и во одбраната, а се вика Салвадор Салвадор.
Португалците имаат чиста улога на фаворити, Пелистер единственото што не смее да си го дозволи е резултатско фијаско. Сѐ друго, доколку пруќи вистинска битка, ќе му биде простено. Но, во случај да успее да изведе чудо, тогаш наголемо ќе се врати во мода зелената боја.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ
ДЕНЕСКА
18:45 Загреб - Сегед (ТВ Арена Спорт 2)
20:45 Е. Пелистер - Спортинг (ТВ Арена Спорт 2)
Поврзани вести