ВАРДАР 1961 - ВАЛУР 33-26 (19-11)
Еспиња (14 одб), Срдановиќ 6, Борозан 4, Коиј 4, Петриќ 4, Лазаревски 3 - Магнусон 4, Селвинди 3
По цели две години, вардаровите фанови конечно се израдуваа на победа на нивниот клуб на европската сцена и тоа во домашната „Јане Сандански“.
На стартот на новата сезона, во првото коло од ЕХФ Европскиот Куп, Вардар 1961, доминантно, без трошка надеж за противничкиот тим стигна до победа над исландскиот тим Валур Рејкјавик.
Можеби звучи потценувачки насловот, не треба омаловажи актуелниот освојувач на ЕХФ Куп, но оваа исландска екипа без неколкуте пензионирани играчи и транзицијата во која е влезена по ланскиот врв што го достигнаа, не е во моментов на ниво на Европската лига.
Валур е добар школски трениран тим, имаат течна транзиција и технички се солидно потковани, но нивната одбрана, жестокоста во дуелите, движењето и многу други елементи на теренот не се покажаа како ниво на ова натпреварување, барем не за дуел со тим составен како вардаровиот, а ќе видиме понатаму како ќе изгледаат со Мелзунген или Порто.
Валур, како и да е, беше одличен почеток за европската сезона за Вардар. Црвено-црните ја вратија самодовербата со победата над Пелистер, а ваков противник им беше идеален за старт на европската сезона и уште поголема самодоверба пред следното коло во кое за седум дена ќе му гостува на еден сосема поинаков тим во кој се некогашните вардарци Даинис Криштопанс и Рожерио Мораеш, предводени од Гарсија Парондо.
Вообичаено, воведните минути на испитување на силите и тактиката минаа во резултатски израмнета четвртина од мечот, а потоа од резултат 9-7, следеше серија со која македонскиот тим стигна до 16-9. Вкупно 7-2 за црвено-црните, кои откако дојдоа до ваква комотна разлика, можеа да играат што сакаат. И добро им одеше, Еспиња бранеше тоа што требаше да се одбрани, а во напад минуваа акциите, лесно се правеше вишок, по што добивме и впечаток дека Вардар осоколен од доминацијата почна да игра и „атрактивно“.
На крајот на првото полувреме беше 19-11 за Вардар, а во второто полувреме се продолжи во истиот стил. Немаше опасност за водството на македонскиот тим, единствената опасност за беа сами на себе, што во еден момент ги доведе до топење на три гола, односно 25-20.
Но, веднаш следуваа головите на Танкоски и Родригез, исклучување на спротивната страна и на помалку од 10 минути беше 27-21. Таа разлика опстана до крајот на натпреварот, Вардар ги запиша првите бодови во Европа и сега му преостанува со многу помал притисок на плеќите да се спрема за дуелот во Германија. Во меѓувреме ќе има и меч со Прилеп во домашниот шампионат.
Поврзани вести