Вардар стапува на европската сцена

Photo: GRK Ohrid

Последните две европски сезони за Вардар, двократниот освојувач на ЛШ не беа сезони за паметење. Суспензија од ЕХФ во ЛШ и елиминација во првото коло од ЕХФ Европската лига минатата сезона се запишани и архивирани, а годинава македонскиот тим има шанса да почне одново да го гради својот рејтинг и тоа директно од групната фаза на Европската лига.

Среќата не беше особено наклонета кон црвено црните и во групата за противници им ги додели Порто, Мелзунген и екипата на Валур од Исланд, утрешниот противник и гостин во Скопје.
Натпреварот меѓу Вардар 1961 и Валур со што официјално ќе биде отворена сезоната на црвено-црните во Европа е закажан за утре со почеток од 20:45 часот, а ќе се игра во салата „Јане Сандански“.

Валур Рејкјавик е актуелниот победник на ЕХФ Европски Куп. Неколку играчки промени, во прв ред заминувањето на Бенедикт Оскарсон во Колстад и доаѓањето на ракометарот од Фарски Острови Бјарни И Селвинди кој досега е нивниот најдобар играч, го одбележаа за нив овој преоден рок. Македонската публика, пак, ќе има ретка можност одново да види две исландски легенди на терен. Тоа се голманот Бјоргвин Пал Густавсон и 44 годишниот леворак бек Александер Петерсон, поранешна ѕвезда на РНЛ, Мелзунген итн.

Валур е добро составена екипа што игра компактно, течно и брзо. Нивните дуели со Олимпијакос од финалето на ланскиот ЕХФ Куп покажаа дека добро се носат и со предизвици од Балканот. Освен Грците на патот до пехарот ги елиминираа и екипите на Металопластика од Србија и романските тимови Стеауа и Баја Маре, како и естонската Полва Сервити и литванскиот Гранитас.

Годинава играа елиминациско коло и во Европската лига. Непознатата, но и незгодна екипа на Спачва од Хрватска беше нивниот противник. На домашен терен славеа победа од 34-25, но кога се чинеше дека е готово, на реваншот во Хрватска спасуваа глава и со многу среќа на крајот загубија „само“ со осум гола разлика (24-32). Тоа, пак, покажува дека имаат многу слаби страни, веруваме Владо Недановски и неговиот тим добро ги имаат простудирано и дека утре нивните шанси за добар резултат ќе бидат минимизирани.




 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk