Викендов почнуваат елиминациските дуели во ЕХФ Европскиот Куп и во ЕХФ Европската Лига. Три македонски екипи ги почнуваат своите натпревари
Први на терен се ракометарките на Металург Автокоманда. Тие гостуваат во Турција кај екипата на Гореле. Тоа се состав во кој играат поискусни ракометарки, засилени со две интернационалки од Црна Гора и една од Камерун. Турската екипа е фаворит на овој двомеч, особено што и реванш натпреварот ќе се игра во Турција.
Првата средба е денеска со почеток од 16:00 часот.
Два часа подоцна, со почеток од 18:00 часот својот прв натпревар ќе го одигра и екипата на Чаир. Тие за противник ја имаат екипата на Кјреженг од Луксембург.
Интересен состав има луксембуршкиот тим. Неколку интернационалки, главно од соседната Франција, а меѓу нив и едно подзаборавено име за кое ќе си земеме право да ја наречеме легенда - Клодин Менди. Поранешната репрезентативка на Франција, а од лани репрезентативка на Сенегал има 34 години, а ја паметиме од пред десетина години кога играше на врвно ниво во Лигата на шампионите во екипите на Будуќност, Мец. Како изгледа и игра сега, ќе имаме шанса да видиме.
Добрата вест е што екипата на Чаир нема да игра двата меча како гостин. Реваншот е следната недела во Скопје.
Македонскиот првак, Ѓорче Петров утре ќе го игра својот прв натпревар. Ѓорчепетровки сезонава решија да играат во еден ранг посилна конкуренција и се пријавија за настап во ЕХФ Европската лига.
Нивниот прв противник во ова натпреварување е шведската екипа Хоор, млада екипа во која има само една бековска линија што е постара од 21 година. Другите 12-13 ракометарки се на возраст од 18- 20/21 година.