ГРК ТИКВЕШ - РК АЛКАЛОИД 25-31 (13-19)
Сала: „Јасмин“ во Кавадарци. Судии: Ненад Николовски и Исмаил Металари. Делегат: Драган Начевски
ГРК ТИКВЕШ: Арсиќ, Велков, Анастасовски 3, Петрески, Мијатовиќ 3, Темелкоски, Соколов, Кофилоски 2, Димовски, Лазов, Манасков 2, Коцев 2, Летиќ, Кривокапиќ 3, Даневски, Обина 7
Седмерци: 7/8 Исклучувања: 6 мин.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 2, Маркоски, Костески 3, Младеновиќ, Серафимов 5, Карасманакис 1, Стојковиќ 2, Митев 6, Ѓоргиев 2, Велковски 4, Симоноски 1, Бинго 1, Силва 1, Петковски 3
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 8 мин.
Мечот со епитет дерби на колото се играше во Кавадарци, каде што гостуваше екипата на Алкалоид. Кавадарчани секогаш биле тежок противник за младиот состав на Алкалоид, особено кога играат на домашен терен. Тоа во голема мерка се должи на нивниот „стил“ на игра кој подразбира агресивни дуели.
Но, на почетокот на оваа сезона поизразена е разликата во квалитет, а кавадарчани минус Шулески и Симиќ не беа резултатски конкурентни, иако ракометарите на Алкалоид се погрижија најамалку трипати да ги вратат во живот домашните играчи.
Алкалоид беше реално подобриот противник во првото полувреме уште од првата минута. Поведоа со 3-1 гостинските ракометари и иако домашниот состав беше во голем дел од полувремето на гол или два разлика, се чекаше моментот кога физичката погтовеност, транзицијата и начинот на кој игра Алкалоид да го однесат мечот во полза на скопскиот состав. Тоа почна да се реализира по 20 минута, кога предноста почна да расте, за на крајот на полувремето да биде шест гола разлика (19-13).
Ракометарите на Алкалоид се опуштија уште при излегувањето од соблекувалната, па во првите осум минути не успеја да постигнат гол, а промашија неколку шутеви од добри позиции, вклучително и два седмерци.
Тоа ги врати домашните во игра, се крена адреналинот во нивниот тим и битката почна да добива на интензитет, а дуелите на сила и жестокост.
Откако се стабилизираа гостите, набрзина наметнаа ритам и препознатлива игра, па во 45 минута одново имаа голема предност, овој пат и од седум гола разлика.
Второто опуштање стигна веднаш по постигнувањето на максималната предност. ГРК Тиквеш својата борбеност ја наплати со намалување на разликата, а во еден момент на околу пет-шест минути до крајот, напаѓаа и за минус два гола и потенцијална драма.
Тој напад заврши со помалку нерезонски шут на Мијатовиќ што заврши како плен за Галевски, а потоа Серафимов го однесе Алкалоид на плус четири.
До крајот не дозволија скопските ракометари ново приближување, имаа сѐ под контрола и освоија нови два бода.