Вардар слави по дербито, продолжи кризата на Е. Пелистер

ВАРДАР – Е. ПЕЛИСТЕР 27-24 (15-11)




Вардар слави победа на дербито со големиот битолски ривал Еурофарм Пелистер. Вечерва по 60 минутна битка семафорот запре на резултат 27-24 за скопскиот состав кој по поразот во првото коло од Алкалоид, конечно, има причина да биде задоволен.
Двата бода освоени бода ги израмнија нивните шанси на табелата со битолчаните и се враќаат на голема врата во распределбата на местата во горниот дел.
Црвено-црните денеска беа подобриот противник и нивната победа е заслужена. Уште во првиот дел наметнаа ритам на игра што им гарантираше дека во текот на сите 60 минути ќе го издржат темпото. Еурофарм го прифати тој ритам на играње што очигледно во физичкиот дел и нив им одговара, иако резултатски денеска – не.
Слично како на натпреварите во предсезоната, Вардар тргна агресивно и брзо на почетокот на натпреварот со намера да изврши брз притисок и пред да се смири амплитудата да има предност на своја страна. Намерата им успеа, битолчани влегоа во серија на грешки и промашувања и Вардар имаше големи 12-7 и 13-8. На полувреме беше 15-11.

Што се однесува до гостите, нереално очекувавме да одиграат нешто друго од тоа што го гледавме досега. Напротив, денеска уште поизразена беше индивидуалноста на сметка на колективот. Митревски и Кузмановски, понекој погодок за Хосни или Пешевски и помалку повеќе, тоа е тоа. Денеска и одбраната на чело со командантот Абутовиќ беше под нивото, транзицијата едноставно не беше вклучена на денешниот натпревар.
Во второто полувреме Митревски почна да ги брани ударите од надворешната позиција, а Кузмановски погодовуваше, па предноста брзо се преполови. Имаа напад гостите и за минус еден, но тој беше неуспешен.
Вардар не беше тимот од првиот дел, но успеваше да ја држи главата над водата додека минутите минуваа и дојдоа решавачките пет.

Веројатно клучен за крајот на битолските надежи беше седмерецот во 55 минута при резултат 25-22. Еспиња го одбрани шутот на Радивојевиќ и немаше намалување на минус два, туку напротив во следниот напад стана минус четири за нив, односно 26-22 за Вардар.
Потоа до крајот беше шминкање на резултатот, битолчани со играта што ја прикажаа нема никаква шанса за четири минути да анулираат четири погодоци.

 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk