(Нај)непријатно гостување за Е. Пелистер

Македонскиот првак Е. Пелистер во следното, трето коло од Лигата на шампионите ќе оди на веројатно најнепријатното гостување. 
Противник на македонскиот состав е тимот на Динамо Букурешт, скапа екипа желна за докажување која е во полн залет по двете стартни победи во ЛШ. 
Долго време Романците се бореа за да влезат во европската елита. Баснословни се парите што се трошат во женскиот ракомет, а залет и тоа преку Динамо Букурешт фаќа и машката екипа. 

Имаат голманско трио на чие чело е Владимир Цупара. На позициите десно крило се Андриј Акименко како прва и Дарко Ѓукиќ како втора опција. Синот на Чави Пасквал, Алекс е првото лево крило, Никусор Негру е во ротацијата. 
На бековска линија ги имаат Али Зеин, Андре Гомез, Хавиер Лангаро и Анте Кудуз како леви бекови, Хаукур Трастарсон и Јоав Лумбросо се центри, Бранко Вујовиќ и Станислав Кашпарек се десни бекови, а на линијата се Фредерик Ладефогед, Миклош Рошта и Калин Деду. 
Целата оваа композиција во која има уште неколку романски играчи ја води Давид Дејвис и засега му оди одлично. 
Динамо е екипа која според имиња може далеку да стигне. Дали може да биде чудо како Вардар во 2017 или 2019 е рано да се каже, им недостасуваат Х фактори во оваа трка, но не би се изненадиле премногу ако стигнат до Келн. 

Во првите две кола настрадаа Фредериција и Висла Плоцк, како ќе се снајде Е. Пелистер во четврток, ќе имаме можност да видиме. 
Натпреварот ќе се игра со почеток од 18:45 часот. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk